Свет
13. May 2026 - 9:05

Две лица загинаа во руски напад со дрон во родниот град на Зеленски, Кривји Рог

Најмалку две лица се убиени во руските напади врз украинскиот град Кривиј Рог, соопштија властите доцна синоча, пренесе ДПА.

Четири други лица се повредени во синоќешниот напад, вклучувајќи и деветмесечно девојче кое е пренесено во болница во критична состојба, напиша гувернерот на Дњепропетровск, Олександр Ханжа, на Телеграм.

Убиени се 65-годишна жена и 43-годишен маж, додаде тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс напиша дека „циничен руски напад со беспилотно летало бил насочен кон обична станбена зграда во Кривиј Рог, без никаква воена цел“.

„По завршувањето на тридневниот делумен прекин на огнот, Русија продолжува да убива и осакатува Украинци“, напиша Зеленски.

„Значи, притисокот врз Русија не смее да се намали на никаков начин. Само цврст заеднички притисок и зајакнување на Украина, вклучително и зајакнување на нашата воздушна одбрана, можат да го принудат агресорот на дипломатија за сигурен мир и крај на убиствата“, додаде тој.

Кривји Рог, град во централниот дела на Украина во кој е роден Зеленски, постојано беше цел на напади за време на повеќе од четиригодишната војна на Русија против Украина, потсетува ДПА.

Министерството за одбрана во Москва официјално денеска потврди дека нивната „специјална воена операција“ е продолжена. Терминот е официјалната формулација која Русија ја користи за војната против својот сосед.

Украина долго време се надеваше на подолг прекин на огнот за време на кој би можеле да се одржат разговори за примирје и изнаоѓање мирно решение.

Москва, меѓутоа, ги ограничи прекините на огнот на големите празници. Овој пат, паузата имаше за цел да ѝ овозможи на Русија непречено да ја одржи воената парада во саботата во Москва по повод победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна, потсетува ДПА.