Македонија
11. April 2023 - 16:33

Директорот на битолската болница поднесе оставка од морални причини

Неотповиклива оставка поднесе првиот човек на битолската болница. Доктор Александар Обедниковски по смртта на малата Јана Христовска и починатото новороденче, од морални причини како што навел во дописот до министерството, ја напушта директорската фотелја. Ортопедскиот хирург 10 месеци раководеше со установата и неколупати јавно алармираше и бараше итно вработување на кадар, но последните трагедии ја сменија ситуацијата.

Во Битола вчера беше и министерот Фатмир Меџити кој разговараше со родилката, но не ја посети болницата пред три недели кога почина 6 годишното девојче за кое обдукцискиот наод кој се уште не е готов треба да ја даде причината за смртта. По неговата посета следуваше и најавата за оставка. Телото на починатото бебе е дадено на обдукција а за случајот е информирано и битолското обвинителство. Што се случувало денеска истражуваат инспекторите на ДСЗИ.

Во врска со случајот со починатото новороденче во Клиничка болница Битола, информираме дека денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор. Комисијата е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на текот на лекувањето на починатото новороденче.

Истовремено е формирана и комисија за стручен надзор, составена од двајца специјалисти гинеколози, неонатолог, анестезиолог, како и претставник од Министерството за здравство, информираа здравствените власти.

Освен краткото соопштение, од надлежните не добивме одговор дали со оставката на Обедниковски ќе бидат решени проблемите што ги има болницата.

И додека ресорното министерство праќа инспектори и формира комисии, смртта на Јана која почина на 22 март само 5 часа по приемот и починатото новороденче, причина за нов протест на битолчани закажан за утре. Овојпат собирот нема да биде на плоштадот туку пред болницата каде со сирена ќе ја означат алармантната состојба во здравствената установа.