Димитриеска-Кочоска: Законски измени за зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работа на финансиските друштва

Министерството за финансии работи на измени и дополнувања на Законот за финансиските друштва, со цел зајакнување на регулаторната рамка, поголема заштита на граѓаните и унапредување на транспарентноста и стабилноста во работењето на овие субјекти.
Се работи на законски измени што предвидуваат воведување задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и слично. Дополнително, се зајакнува контролата при отворање нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, со утврдени критериуми за условите на работење.
Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина, со што кредитните средства ќе може да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка. Целта е поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интерву за „Телма“ истакна дека измените се резултат на засилени контроли и утврдени недоследности во работењето на дел од финансиските друштва.
- Имаме законски измени што ги подготвуваме во периодот што следува. По спроведените контроли, утврдивме одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива, кои оставаат простор за разни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати. Целта е поголема заштита на граѓаните и стабилно функционирање на секторот - рече министерката.
Како што појасни, досегашните контроли резултирале со утврдени неправилности, а во одредени случаи биле преземени и мерки, како одземање лиценца. Некои од постапките се иницирани и по пријави од граѓани, кои, како што нагласи министерката, имаат значајна улога во откривањето неправилности.
Со овие измени, според Димитриеска-Кочоска, се очекува значително зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работа на финансиските друштва во земјата.
МИА
Ново на Сител
-

Телеком донира опрема за училишта
-

Клековски: Прво да се зајакнат регионалните болници па да се направи анализа дали треба нов Клинички
-

ДЗС бара луѓе за летна борба со пожари, плата 44 илјади денари
-

Крај на учебната 2025/2026 година
-

Над 100 текстилни работници од две штипски конфекции без плати и придонеси
-

Менталното здравје кај младите бара поголемо разбирање
-

Анализа: Што можеме да очекуваме од утрешната средба Сиљановска Давкова – Јотова?
-

Тема на денот со Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација
