Македонија
15. November 2017 - 16:26

Десетици баратели на азил во Солун, тргнаа на марш на северната граница на Грција со Македонија

Група мигранти ќе протестираат на грчко македонската граница. Како што јавуваат грчите медиуми околу осумдесет мигранти од Солун тргнале  на протест на  границата помеѓу Грција и Македонија со цел да го искажат  нивното незадоволство поради  неможноста да стигнат до нивната крајна дестинација во некоја од другите европски земји. Барателите на азил во Солун се собрале после објавениот повик на социјалните мрежи за одржување на протестен марш на севрената грчка граница со Македонја.   

Пред да започне закажаниот марш до границата, мигрантите кои главно доаѓаат од Ирак и Сирија меѓу кои има и повеќе семејства со деца денеска се собрале на централниот плоштад во Солун со цел од таму да се упатат на северната грчка граница. Дел од нив уште во текот на минатата ноќ пристигнале од бегалските кампови во Атина, но и од други места.  

Од минатата година откако беше затворена балканската бегалска рута , а со тоа и сите копнени граници на земјите низ кои транзитираа бегалците десетици мигранти и бегалци останаа заглавени на грчка територија немајќи можност да стасаат до нивните посакувани дестинации во Европа.  Во транзитниот центар Винојуг кај Гевгелија во моментов престојуваат вкупно 17 мигранти од кои четворица се мажи, шест жени и седум деца.

Затварањето на балканската бегалска рута беше причина да се интензивираат обидите за нелегален премин  на македонско грчката граница и за криумчарење на мигранти. Македонските погранични служби такви обиди спречуваат скоро секојдневно. Во просек на дневна основа има по десетина, а некогаш и по повеќе обиди за нелегален премин на границата или помеѓу 250 до 300 лица на месечно ниво.  Според статистиката на МВР само во периодот од јануари до септември годинава  во обид нелегално да ја преминат државната граница биле спречени вкупно 2831 лице.