Македонија
25. јуни 2026 - 21:04

Дефинитивно нема договор за една изборна единица, се кршат копјата за гласење на дијаспората

Моделот со една изборна единица дефинитивно отпаѓа. Иако ова беше едно од најгласните ветувања во јавноста, пратенички извори брифираат дека во работните групи нема консензус за ова прашање. Партиите излегле со дијаметрално спротивни предлози. Дел од нив бараат земјата да се подели на три изборни единици, додека друг предлог е да има осум, скроени според сегашните економски региони. Законот, за кој е неопходен широк политички консензус, се наоѓа во клучна фаза. Министерството за правда денеска соопшти дека по одржаната 11-та седница, процесот се финализира во насока на исполнување на препораките на ОБСЕ-ОДИХР.

„Членовите на Работната група разменија мислења по доставените предлози од политичките партии, при што беше констатирано дека значителен дел од решенијата се усогласени и има висок степен на консензус“

Сепак, најголемите дилеми и натаму остануваат околу гласањето на дијаспората, финансирањето на кампањите и прагот за независните пратеници. Според нашите информации, на маса е предлог дијаспората да биде позиционирана како осма изборна единица и да гласа електронски со повеќеслојни механизми за заштита, но за ова сè уште нема конечен став. Отворено е и прашањето за намалување на потребните потписи за независните пратенички листи на 1.000 потписи.

Сериозна битка се води и за парите за политичко рекламирање каде партиите имаат спротивставени позиции. ВМРО-ДПМНЕ предложи пропорционален модел, односно парите да се распределуваат според бројот на освоени пратенички места.ДУИ и опозицијата го одбија ова решение. Во игра се математики каде 43 проценти од колачот би оделе за двете најголеми партии (од власта и опозицијата), 6 до 7 проценти за партиите со пратенички групи, а по 4 проценти за вонпарламентарните партии.

СДСМ, од друга страна ја напушти работната група, па нивната поддршка во Собранието останува неизвесна, со отворена можност за блокада преку филибастеринг. Времето за калкулации истекува. Парламентот има рок од само пет дена за да ја заокружи европската реформска агенда. Премиерот Мицкоски потврди дека Владата ги завршила своите обврски и дека Изборниот законик е последната алка пред собраниската седница закажана за утре, 26 јуни.

Партиите до утре треба по електронски пат да ги достават своите поконкретни одговори за отворените прашања, по што се очекува до понеделник да се постигне конечниот договор и да се подготви финалното законско решение.