Македонија
2. May 2023 - 21:11

Дали Македонија ќе заглави на судството на патот кон ЕУ?

Бугарија не е единствениот кочничар на европскиот пат на Македонија. Правосудниот систем, кој ужива најниска доверба меѓу граѓаните и кој секојдневно го тресат скандали би можел да биде нова препрека влезот на Македонија во Европската Унија. 

Евроамбасадорот Гир во „Тема на денот“ на Сител рече ЕУ микроскопски ги следи случувањата во правосудството. Според него, компромитирано судство ќе влијае на иднината на обидите за градење консолидирана демократија и градење на напредна и развиена економија.

Поранешниот амбасадор Васко Наумовски вели дека последните случувања во Судскиот совет, но и застарувањето на делата од висока корупција покажува дека правосудниот систем нема капацитет да ги процесиуира случаите на начинот на кој очекуваат граѓаните.

Најголем предизвик за Македонија, според Наумовски, е оневозможување на политичките влијанија врз судството. 

-Во наредниот период ние ќе треба да докажеме како држава дека сме способни да испорачаме конкретни резултати во реформите во правосудството. Да имаме судство кое ќе биде суштински независно од политичките влијанија и од други влијание и на тој начин да демонстрираме капацитет дека во текот на преговорите ќе направиме дополнителни чекори напред коишто ќе не донесат до одреден степен на исполнување на стандардадите коишто се карактеристични за држави коишто сакаат да станат полноправни членки. Јас очекувам дека дури и да ги започнеме преговорите одредени земји-членки ќе го следат одблиску напредокот во овие реформи и исполнувањето на сите оние услови за отворање и затворање на соодветните поглавја, вели Наумовски.

Колку граѓаните ќе ги почувствуваат реформите во правосудството зависи единствено од една работа, колку политичките партии ќе имаат волја за навистина да стават ред во овој систем.

Правосудниот систем е постојано мета на критики на јавноста, особено што последните анкети укажуваат на тоа дека граѓаните воопшто немаат доверба во судството.