Дали ќе „оживеат“ аболициите на Иванов
Адвокатот Миле Наумовски со иницијатива до Врховен во последен обид да ги оживее аболициите на екс претседателот Иванов.
Од највисокиот суд потврдуваат дека вакава иницијативна за утврдување на начелен став и правно мислење е пристигната, а судот има рок од 6 месеци да ја разгледа.
Позитивен став на Врховен во пракса ќе значи потврда за аболициите кои ги даде Иванов и ослободување од кривично гонење на 56 поранешни функционери, меѓу кои и екс премиерот Груевски.
Ставот на Врховен сепак ќе ја отвори можноста осудените повторно да се жалат и пред судот за човекови права во Стразбур, кој во февруари годинава одби да се произнесе за аболициите на Иванов со став дека апликацијата е пратена прерано, односно пред да се изјаснат повиските македонски судови.
Иванов во 2016-та аболицираше 56 лица осомничени од тогашното СЈО, откако ваква можност му даде Уставниот суд кој го укина членот 11 од законот и му дозволи на претседателот да дава аболиции и без спроведување на постапка за помилување.
Аболицијата предизвика жестоки реакции и масовни протести, по што Иванов ги поништи одлуките за 22 лица.
Со најновите измени на законот за помилување пак кој правда го достави до владата, се предвидува укинување на аболицијата. Шефот на државата ќе може да помилува само лица кои се осудени.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
