Македонија
2. April 2023 - 16:32

Дали формулата на Мицкоски за уставни измени е прифатлива за мнозинството?

Власта втор ден не се изјаснува за предлогот на Мицкоски веднаш да се отвори Уставот доколку измените во Преамбулата бидат направени согласно хрватскиот модел односно државата да биде дефинирана како национална држава на македонскиот народ и националните малцинства што живеат во нејзе.

Од СДСМ бараат опозицијата својот предлог да го стави на маса во работната група која ќе се формира за пишување на уставните амандмани.

Од ДУИ пак, се уште без никаков коментар.

Новиот владин партнер вели добро е што опозцијата разислува на суатвни измени, но ВМРО-ДПМНЕ не ја познава реалноста или намерно ја извртува.

„Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење“, велат  од Алијанса на Албанците.

ОД ВМРО-ДПМНЕ пак, децидни се дека нема да учестваваат во работната група. Велат власта прва го спомена хрватскиот модел, а предлозите веќе се во јавност и тоа е доволно за да бидат земени пред вид, коментираат од партијата на Мицкоски.

Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали при набројувањето на малцинствата ќе се најде и бугарското малцинство велат треба да се изјаснат граѓаните, што сугерира на референдум или избори.

Македонија имаше слични формулации со Хрватска со оргиналната Преамбула во 1991 година, но таа претрпе неколку амандмански измени и со Рамковниот и со Преспанскиот договор. На крај ја доби формулацијата „Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите….“.  Рамковниот договор, од нормативниот дел на Уставот пак, ги извади националните малцинства и ги воведе етничките заедници.