Белгија го презема претседавањето со ЕУ – можен ли е напредок за Македонија?
Белгија од денеска го презема претседавањето со ЕУ.
Под мотото „заштити, зајакни, подготви“ во следните шест месеци земјата ќе се фокусира на шест тематски области и ќе посвети особено внимание на одржувањето на поддршката на ЕУ за Украина, се наведува на веб-страницата на претседателството со Унијата.
Заштитата на граѓаните, зајакнувањето на економијата и подготовките за заедничка иднина беа приоритетите кои ги издвои и белгискиот премиер Де Кро.
„Првиот елемент е да ги заштитиме нашите граѓани, што значи обезбедување безбедност и обезбедување благосостојба, заштита на нашите граници, зајакнување на социјалните и здравствени програми, зачувување на единството и поддршка на Украина“, рече белгискиот премиер Александар Де Кро, презентирајќи ја програмата на претседателство.
Белгија го презема претседавањето во време на европски избори. Во јуни граѓаните на 27 земји членки ќе гласаат за нов Европски парламент, по што ќе следи избор и на нова Европска комисија и на нов претседател на Европскиот совет.
За Македонија и оваа година почнува како што заврши претходната. За земјава и натаму важи препораката од последниот декемвриски самит на Унијата – прво уставни измени, па старт на преговорите. Овој процес сепак паѓа во сенка на двојните избори оваа пролет, па Македонија тешко дека ќе успее да постигне некаков напредок за време на белгиското претседавање со Унијата.
Следната шанса земјава ќе ја има за време на претседавањето на Унгарија од 1 јули годинава.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
