Македонија
9. October 2023 - 16:35

АСОМ најавува протести

Законот за игри на среќа повторно ги скара пратениците. Собраниската комисија за европски прашања и денеска не успеа да го утврди дневниот ред на кој Адеми повторно се обиде да го стави и овој закон. Од собраниската говорница повторно се слушаа само обвинувања, кој го штити криминалот, а кој интересот на граѓаните.

Пред собранието пак асоцијациите за приредување игри на среќа повторно со повик до пратениците. Носењето на законот ќе го разбуди гневот на 10 000 вработени во овој сектор кои се подготвени да излезат на масовни протести и блокада на институциите.

„Додека од една страна се носи закон за затварање на индустријата и уништување на домшните лиценцирани компании, Владата се ќе се ортачи со странски компании кои ќе имаат по еден или два вработени тука и на големо ќе ги промовира игрите на среќа на интернет. Има ли поголемо лицемерие од ова? Освен бизнис логика, друга логика во овој потег не може да се види. И токму затоа јасно кажуваме - ова нема да помине.“- истакнаа од АСОМ.

Законот за игри на среќа кој Владата го поднесе со европско знаменце предвидува дислоцирање на објектите на 500 метри од училиштата, забрана за приредување игри на среќа на Интернет за лиценцирани приредувачи, како и зголемување на давачките.