Македонија
18. January 2024 - 16:46

Арсовска тврди дека е спречен екоцид во Ѓорче Петров, општината негира

Канцероген отпад завршувал во Лепенец. Арсовска обвини за екоцид и финансиски криминал на територијата на Ѓорче Петров.

Инспекторите откриле дива депонија на 10 000 метри квадратни приватно и државно земјиште, на само 100тина метри од пречистителната станица.

Депонијата е во сопственост на вработен во општина Ѓорче Петров, а Арсовска тврди дека најчест клиент била токму општината. Покрај за сопственикот, кривична пријава Арсовска ќе поднесе и за градоначалникот Александар Стојкоски кого го повика и да си поднесе оставка.

Од општина Ѓорче Петров ги негираат информациите.

Општина Ѓорче Петров никогаш не депонирала отпад нелегално на посочената локација, ниту создавала диви депонии. Напротив Oпштината го чисти таквото ѓубре.

За тоа дека ја говориме вистината, градоначалничката Арсовска може да провери во пунктот на ЈП Комунална хигена во Карпош, каде јасно ќе види дека општинските служби таму одлагале кабаст отпад.

Големиот помпезен случај на Арсовска, се решава за 5 минути и еден телефонски разговор со нејзиниот директор на ова јавно претпријатие, се вели во реакцијата на општината.

Инаку на денешната прва прес конференција ден откако ја превзема претседателската позиција на партијата Нова Алтернатива, Арсовска одби да одговори на политички прашања поврзани со можни коалиции на претстојните избори. Присуството на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, кое привлече најголемо внимание, денеска го објасни министерката Петровска.

- Тоа е одлука на партијата, а партијата добила покана. Мислам дека треба кој било член на партијата да удостои формирање политичка партија доколку принципите на партијата, се разбира, се демократски и со европски вредности. Присуството не значи по дефиниција дека ќе се направи коалиција или соработка, тоа е политичка култура, рече Петровска.

Од Нова Алтернатива пак, вчера појаснија дека покани испратиле до сите политички партии, а не само до СДСМ, но претставник не испрати ниту една друга партија.