Апелација ја укина пресудата за Таргет-Тврдина
Апелација ја укина пресудата за масовното прислушање и уништувањето на опремата во УБК. Предметот Таргет Тврдина во кој првообвинет е екс директорот на Управата Сашо Мијалков, се враќа на повторно судење откако второстепените судии утвридле низа пропусти во водењето на постапката.
Апелациониот суд Скопје при разгледување на побивата пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик, се вели во соопштението од Апелација.
Оваа одлука ја отвора вратата за застарување на трите дела за кои се гони Мијаклов и за кои беше осуден на 12 години затвор. Откако во февруари минатата година застаре можност за гонење за примање награда за противзаконско дејствување, за две години застаруваат и делата за злосторничко здружување и злоупотреби на функцијата.
Можноста за две години одсега да има правосилна пресуда се многу мали, ако се земе предвид дека судскиот процес стартуваше пред 4 години, а првостепената пресуда кој се укина денеска, беше изеречена во април минатата година.
Кривичен ги прогласи за виновни 11мината обвинети. Покрај Мијалков, осудена беше и поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкуловска на 4 години, во отсуство 15 години затвор заработија и двајцата вработени во УКБ Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се во бегство во Грција, како и 7 лица вработени во управата.
Таргет Тврдина беше клучниот процес кој го отвори поранешното СЈО, кое со обвинението тврдеше дека преку следење на 6000 телефонски броеви, прислушувани биле над 200 000 граѓани, а обвинетите подоцна ја уништиле опремата и го оштетиле буџетот за 1,4 милиони евра.
Пред три недели Апелација ја укина и пресудата за Тезор во која Мијалков беше осуден на 8 години затвор. Единствената затвроска казна која екс директорот на УБК ја отслужува во моментов, е тригодишната казна за Империја во струшкиот затвро кој е од отворен тип.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
