Антикорупциска и МВР против планот на Јовески
Истражните органи се уште чекаат да бидат повикани на состанок кај Јавниот обвинител Јовески за Националниот фронт за борба против корупцијата кој, тој го најави по вонредниот инспекциски надзор за случаите против градоначалникот Мерко.
од Финансиската полиција велат дека идејата треба да се разгледа па дури потоа ќе заземат став.
Државниот завод за ревизија веќе има соработка со Јавното обвинителство. Двете институции имаат потпишано Меморандум за соработка за размена на информации и податоци за констатирани состојби во ревизиите. И оттаму велат дека стојат на располагање.
-Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција во државата во континутитет стои на располагање со својата експертиза, стручност и професионалност на сите надлежни институции во системот за превенција и борба против корупцијата, велат од ДЗР.
Членовите на Антикорупциската комисија ќе седнат на маса со Јовески за да го видат предлогот, но не се воодушевени од идејата. Претседателката на ДКСК за Сител во последниот период соработката и комуникацијата со Јавното обвинителство се подобрува.
-Мислам дека нема потреба. Ставот на ДКСК е дека нема потреба од некакво ново тело, туку дека треба секоја институција во рамките на своите надлежности да си постапува, редовно, без одлагање и не само по реакции на меѓународната заедница, како што е сега овој случај. Значи, секој треба да си постапува онака како што му е надлежноста зацртана во законот, без одлагање, професионално, непристрасно, независно, вели Ивановска за Сител.
Ниту министерот Спасовски не е водушевен од тоа да се формира ново тело. Во изјава за Сител вели, важно е да се зајакне постојниот систем.
- Не ја гледам потребата од формирање на некоја нова институција, туку зајакнување на постојниот систем, со цел зголемување на ефикасноста на неговите елементи, а тоа се институциите што веќе функционираат. За да не дозволиме корупцијата да метастазира и да го задуши демократското општество, за да ставиме крај на времето на клептократијата, треба граѓаните да го видат крајниот исход - дали тој што е криминалец е уапсен, дали судот донел пресуда за сторениот криминал и, конечно, дали ќе ја издржи санкцијата и ќе му биде конфискуван нелегално стекнатиот имот, вели Спасовски.
Вчера Јавното обвините соопшти дека завршил вонредниот надзор за случаите против струшкиот градоначаланик Мерко. Според соопштението на ОЈО, ниту еден македонски обвинител нема да понесе одговорност што не нашол ништо незаконско во работата на Мерко. Но, Јовески водејќи се од надзорот донесе повеќе мерки кои, според ОЈО, имаат за цел да ја зајакнат отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на јавнообвинителското постапување.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
