Анализа - дали е можно членство на Украина во НАТО додека е во војна со Русија?
Брз и отворен пат за полноправно членство на Украина во НАТО Алијансата по завршување на војната со Русија. Вака прогнозираат македонските безбедносни експерти по пакетот кој Столтенберг го презентираше за Киев.
Професорот Марјан Ѓуровски вели Акционен план за членство за Украина не е потребен бидејќи земјата веќе потврдила дека е дел од најголемиот воен сојуз и неговите воени стандарди.
-Ако се земе предвид количината на вооружувањето, опремата и целокупната поддршка која ја добива до земјите членки во војната со Русија, за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет Украина de facto е земја членка на НАТО, а de jure ќе стане 33 членка на Алијансата по завршувањето на воениот конфликт, вели Ѓуровски.
Според Ѓуровски, многу е важно да се покаже единството на сите 32 земји-членки и да му се даде поддршка на Киев.
Сепак, Ѓуровски вели дека нема простор за паника околу можен отворен конфликт меѓу НАТО и Русија. А тоа се покажа и со влегувањето на Шведска во Алијансата.
-Како што во изминатите две години се избегна можноста да дојде до воен конфликт меѓу НАТО и Русија верувам дека до таква војна нема да дојде. Но, Москва во моментот не е во состојба јасно да ги декларира условите како ќе се развива европската безбедност. После 200 години Шведска се одлучи да ја напушти воената и политичката неутралност, Турција се одлучи јасно да заигра јасно на евроатлантската карта и покрај контактите и сојузништвото кои ги имаат турскиот претседател со Владимир Путин, вели Ѓуровски.
Самитот во Вилнус ги вклучи алармот во Москва. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова вели дека НАТО е длабоко вклучен во украинскиот конфликт. Според неа, НАТО Алијансата е виновна за ситуацијата во Украина бидејќи го обезбедува целото оружје, борци, платеници, советници и разузнавачи за украинските власти.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
