Амбер Алерт: Кои чекори треба да ги преземете ако вашето дете исчезне?
„Проверете“ за да го потврдите отсуството на детето. „Размислете“ за да се потсетите на најважните детали и да ја процените ситуацијата и „Пријавете“ за да ги алармирате надлежните итно – Oвие се првите три чекори кои треба да ги сторите ако исчезне Вашето дете. За Меѓународниот ден на исчезнати деца, Амбер Алерт Европа, стартува кампања за подигнување на свеста во 16 држави за заштита на најмладите.
Македонија како држава се уште не е дел од оваа платформа, оти потребни се поголеми напори и администативни процедури кои треба да се исполнат за да бидеме дел од оваа заедница. Но, македонското МВР кое на почетокот на годинава потпиша Меморандум за разбирање со оваа Фондација, по што официјално се приклучува на кампањата.
„Секоја година, 300.000 деца исчезнуваат во Европа. Кампањата „Проверете. Размислете. Пријавете“ е клучна пресвртница во нашите постојани напори да ги заштитиме децата и да ги поддржиме семејствата во време на такви кризни ситуации, Нашата цел е да го подобриме времето на реакција и да ги зголемиме шансите за безбедно и брзо повторно обединување на исчезнатите деца со нивните сакани и најблиски“, изјави Френк Хоен, претседател и основач на Амбер Алерт Европа.
Вања Ѓорчевска е името кое се уште буди немир кај македонската јавност. Девојчето чие исчезнување ја крена Македонија и Балканот на нозе, а чие убиство ја зави во црно.
Во изминативе три години во земјава не се пронајдени шест деца помлади од 14 години кои исчезнале. Според МВР, станува збор за деца од Прилеп, Гевгелија, Куманово, Штип, и две деца од Скопје по кои била активна потрагата.
Во соседна Србија, за првпат беше активиран системот Најди ме за исчезнувањето на двегодишното девојче Данка Илиќ, чие тело се уште не е најдено. Според овој систем кој е поткрепен и со закон, медиумите мора итно да ја прекинат програмата и да известат дека е исчезнато дете, а фотографија од него мора да објавуваат на секој половина час.
Европски центар за исчезнати деца е фондација која се стреми да ја унапреди заштитата на исчезнати деца и да превенира оваа појава. Амбер Алерт Европа поврзува експерти од над 45 владини организации, попрецизно министерства за внатрешни работи и полиции и невладини организации од 28 земји со крајна мисија нула исчезнати деца во Европа.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
