Агент поврзан со случајот „Епстин“ пронајден мртов во стан во Париз

Даниел Сиад, агент за ангажирање модели и наводен посредник при обезбедувањето жени за американскиот сексуален престапник Џефри Епстин, во понеделникот вечерта бил пронајден мртов во неговиот дом во близина на Париз.
„Вечерта во понеделникот беше отворена истрага за утврдување на причините за смртта по откривањето“ на неговото тело во куќата во Коломб, западно предградие на Париз“, соопшти француското обвинителство.
Против Сиад биле поднесени неколку пријави, меѓу кои и за силување. Во Париз против него се водела истрага што била доверена на специјализирана служба за борба против трговија со луѓе. Тој ги отфрлаше сите обвинувања.
Името на Сиад се споменува повеќе од две илјади пати во објавените документи на американското Министерство за правда поврзани со случајот „Епстин“.
Според француските медиуми, најмалку пет жени го обвиниле 69-годишниот Сиад за силување и трговија со луѓе. Неговата адвокатка, одговарајќи на прашање на агенциите, изјавила дека против нејзиниот клиент никогаш не биле подигнати официјални обвиненија.
Во Франција против осомничени лица формална истрага се отвора по претходна проверка, во рамки на која обвинителите и судиите проценуваат дали постојат доволно податоци за сторено кривично дело.
Сиад претходно оваа година во интервју за француската телевизија „Бе-Еф-Ем“ изјави дека неговиот однос со Епстин бил „строго професионален“.
„Даниел Сиад никогаш не престана да ја брани својата невиност“, изјавила неговата адвокатка Мејна Араб-Тигрин, додавајќи дека тој починал од срцев удар.
Сиад е второто лице во Франција за кое јавно е познато дека било поврзано со Епстин, а потоа починало. Во 2020 година француските власти го уапсија Жан-Лук Брунел, сопственик на агенција за модели, за кого се тврдеше дека регрутирал жени за Епстин. Брунел беше пронајден обесен во затворската ќелија во 2022 година, по 14 месеци поминати во притвор, додека чекаше судење по обвиненија за силување на малолетни лица и сексуално вознемирување. Тој ги отфрлаше обвиненијата.
Епстин се самоуби во затвор во Њујорк во август 2019 година, еден месец откако беше обвинет за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација.
Ново на Сител
-

ЦУК: Регистрирани 11 пожари на отворен простор, активен е пожарот кај Белица во Македонски Брод
-

Мицкоски: Можеме да прифатиме и гласање преку пошта, наша цел е да обезбедиме побројно гласање на дијаспората
-

Ангелов: Изби пожар во борова шума над филтер станицата во Штип, на терен интервенираат пожарникари и доброволци
-

Мицкоски: Со трговците ќе разговараме директно, без естрада, за зголемените маржи
-

Нова метода за прецизна дијагностика на срцеви заболувања - првпат извршена во Македонија
-

Кривична против 74-годишен маж кој нападна 10-годишно девојче во Центар
-

Приведен скопјанец по кражба на паричник од 72-годишна жена
-

Лабораториски потврдени два случаи на Западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести
