Аеродром добива второ основно училиште со целосно организирана едносменска настава

Министерството за образование и наука интензивно го реализира проектот за воведување едносменска настава во основните училишта, при што во моментов се вршат адаптации, доградби и реновирања во шест училишта низ државата, а подготвена е реализација и во уште 15 училишни објекти, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска при увидот во доградбата на нови училници во ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар во Општина Аеродром.
Заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, министерката изврши увид во градежните работи за доградба на три нови училници во училиштето.
Јаневска нагласи дека едносменската настава е дел од владината програма и дека активностите за нејзино воведување се спроведуваат особено интензивно во текот на летниот период, кога учениците не посетуваат настава.
Таа посочи дека едно од училиштата каде што се реализира проектот е ОУ „Александар Македонски“, каде се доградуваат три училници во вредност од 2,2 милиони денари.
- Со изградбата на новите училници ќе им овозможиме на учениците и наставниците подобри услови за настава и стекнување знаења - потенцира министерката.
Проектот, додаде Јаневска, се реализира и во општини каде што се бележи зголемување на бројот на ученици, со што се создаваат услови за непречено воведување на едносменскиот модел на настава.
Јаневска оцени дека активностите се во насока на унапредување на квалитетот на образованието и обезбедување подобри услови за учење.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески рече дека Општина Аеродром од новата учебна година ќе добие уште едно основно училиште со целосно организирана едносменска настава, откако завршуваат градежните активности за адаптација и доградба на училници во ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар.
- Денеска заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска, директорката на училиштето и пратениците во Собранието извршивме увид во градежните работи за адаптација на училници и простории во ОУ „Александар Македонски“, со што комплетно ќе воведеме едносменска настава во ова основно училиште. Ова е второто основно училиште во Аеродром кое воведува целосна едносменска настава - изјави Митески.
Тој посочи дека проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука, додека Општината и училиштето ќе обезбедат опрема за новите и адаптирани училници.
Воведувањето едносменска настава во ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар ќе претставува значајна придобивка за 710 ученици, информираше директорката на училиштето Маја Буклеска.
Таа нагласи дека успехот на едно училиште е резултат на заедничката работа на образовните институции и локалната самоуправа.
- Ако успехот на ученикот зависи од соработката меѓу наставникот, ученикот и родителот, тогаш успехот на едно училиште зависи од соработката меѓу училиштето, општината и Министерството за образование и наука. Резултатите од таа соработка ќе ги видат оние за кои постоиме, а тоа се нашите ученици - потенцира Буклеска.
Според неа, градежните активности се во завршна фаза, а целта е до почетокот на новата учебна година да се обезбедат подобри услови за одвивање на наставата.
МИА
Ново на Сител
-

Град во Италија воведе казни до 500 евра за сопствениците на кучиња кои нема да ја исчистат нивната урина
-

Во четврток и петок пониски температури и нестабилно, со пороен дожд и грмежи
-

Бесплатни ранци и училиштен прибор за сите првачиња во Кисела Вода
-

Дронови над главниот град на Русија и откажани летови, се огласи градоначалникот на Москва
-

Продолжуваат спасувачките акции по земјотресот во Колумбија, досегашниот биланс најмалку 164 загинати
-

33-годишен велешанец осомничен за силување на 21-годишна Швеѓанка во ноќен клуб во Охрид
-

Герасимовски: Започнува јавната анкета за Нацрт ДУП-от „Барутана“, граѓаните директно вклучени во одлучувањетo
-

Ендрик нема да го напушти Реал ова лето
