Македонија
17. јуни 2026 - 16:36

15.000 полуматуранти се запишале на првиот уписен рок во средните училишта

Заврши електронското пријавување за упис во средните училишта. Првиот јунски уписен рок се заокружува со околу 15.000 деветтоодделенци кои електронски поднеле апликација за да го продолжат своето образование во некое од средните училишта. 

Денеска учениците ја поднесуваат и потребната документација во хартиена форма. Комисиите до доцна вечерва ќе вршат проверка дали податоците кои учениците дигитално ги внесуваат во системот, се поклопуваат со оние во хартиените свидетелства, за веќе утре да има официјални информации за примени ученици во сите училишта во Македонија.

И оваа година, Корчагин, Орце Николов, Георги Димитров и средното медицинско се училиштата за кои има најголем интерес. Средните стручни училишта остануваат прв избор за учениците, но и гимназиското образование бележи позитивен тренд по долги години. 

Пример за ова е СУГС „Раде Јовчевски - Корчагин“ – Скопје, каде сите слободни 263 места се потполниле уште во првиот уписен рок. Според раководството на училиштето ова не се случило во последните седум години. 

„Падот на бројките се јавува во повеќе училишта не е само кај нас. Има таква ситуација години наназад. Морам да признаам дека на особена голема радост оваа година ни е дека ја пополнуваме целата бројка после 2019 година“, изјави Елена Димитрова, директорка на СУГС „Раде Јовчевски - Корчагин“ – Скопје. 

Оваа година има место за над 26.000 ученици. Но, структурата на овогодишнешниот конкурс покажува јасна насоченост кон средното стручно образование, за каде се обезбедени 17.000 слободни места. За гимназиите 6.000, додека во уметничките училишта има капацитет за запишување на 570 ученици. 

Вкупната бројка на слободни места ги надминува реалните потреби на генерацијата, што остава простор за избор во сите региони.

Второто пријавување во јунскиот уписен рок е на 23-ти јуни, додека доставувањето на потребната документација до училиштата е на 24-ти јуни. Третото пријавување е на 20-ти август.