150 години од искрата што ја разбуди Македонија
Во делчевското село Разловци, одбележана 150 годишнината од Разловечкото востание, еден од најзначајните настани во македонската револуционерна историја и прв организиран обид за вооружено ослободување на македонскиот народ од османлиската власт.
Денес, востанието останува траен потсетник за стремежот кон слобода, правда и национално достоинство, а одбележувањето претставува можност да им се оддаде почит на сите учесници и борци кои со својата жртва оставиле длабока трага во македонската историја.
-Нашата генерација има должност да изгради држава која ќе биде достојна на жртвата на тие луѓе. Джава во која младите ќе сакаат да останат, држава со правда, со ред, со економија, која ќе отвара можности. Држава која нема да живее од минатото, туку ќе ја темели иднинината на својата историја. Мора да се обединиме околу државните и националните интереси, затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината, изјави Христијан Мицкоски, премиер на Влада.
На настанот се обрати и министерот за култура, Зоран Љутков, кој потенцираше дека јунаците на Разловци ја победиле тишината и дека без малите востанија немаше да постојат големите слободи.
-Секој историски пламен започнува со една искра која на почетокот изгледа безначајна, но Разловци е токму таква искра, мало село кое пред век и половина се озмели да разговара со вечноста, изјави Зоран Љутков, министер за култура.
Љутков информираше дека се вложени околу 20 милиони денари за реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание, кој треба да преставува своевиден Универзитет за младите генерации да научат како се сака татковината. Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, најави поднесување на граѓанска иницијатива, со цел селото Разловци да биде заштитено како историска целина.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
