ЗМАИ: Напредокот во неонаталната грижа покажува дека системски промени се можни и во македонското здравство

Во последната деценија нашата држава постигнала исклучително значајно намалување на смртноста кај новороденчињата и децата до 5 години, покажуваат податоците од анализата на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) за неонаталното здравје направена во рамки на проекот Converge2EU.
Според анализата, неонаталната смртност во земјава се намалила од 8,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца во 2016 година на 1,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца во последните години. Со ова, земјата не само што се доближила до просекот на Европската Унија, туку во овој индикатор бележи и подобри резултати од европскиот просек, односно 174 отсто конвергенција според користената методологија на Converge2EU .
- Овој успех е особено значаен бидејќи во други здравствени области, како што се бројот на лекари и должината на животниот век, Северна Македонија и понатаму дивергира, односно се оддалечува од европскиот просек. Сепак, намалувањето на смртноста кај новороденчињата и децата до 5 години покажува дека позитивни промени се можни и во македонскиот здравствен систем, доколку постои јасна цел, координирана работа и соработка меѓу сите страни: експертската јавност, институциите, здравствените работници, меѓународните партнери и политичките чинители, се вели во соопштението на ЗМАИ.
Напредокот, велат, не е резултат на една изолирана мерка, туку на подолгорочна системска трансформација која вклучува обука на здравствениот кадар, стандардизација на протоколите во родилиштата, унапредување на перинаталната грижа и подобрување на пристапот до услуги за мајките, новороденчињата и ранливите групи. Значајна улога во овој процес имаат институциите, како и меѓународните партнери, меѓу кои UNICEF, WHO и UNFPA .
- Во секоја реформа, клучна е одржливоста. Таа зависи од квалитетни кадри во рамки на системот, кои треба да се создаваат, поддржуваат и задржуваат независно од промените на политичките партии и властите. Само на тој начин може да се обезбедат долгорочни и квалитетни промени, како и вистинско доближување до стандардите на Европската Унија, велат од ЗМАИ.
Во рамки на анализата Converge2EU се истакнува и пошироката важност на отворањето на европските фондови за Северна Македонија, како и на полноправното членство во Европската Унија. Овие процеси се клучни механизми преку кои земјата може економски да се доближи до европскиот просек, преку намалување на сиромаштијата и зголемување на БДП. Економските фактори, пак, понатаму влијаат врз речиси сите други области, вклучително и здравството, образованието, социјалната заштита и демографските предизвици.
- Трансформацијата најчесто не се гледа само во индикаторите, туку во секојдневните искуства на семејствата. Кога прегледите, советувањето и грижата за мајката и новороденчето стануваат навремени, достапни и сигурни, тогаш системската промена станува дел од нормалниот живот - се наведува во објавата.
МИА
Ново на Сител
-

Лишени од слобода седуммина за безобѕирно управување возило
-

Претрес во струмичко, пронајдена дрога, лишени од слобода четири лица
-

Кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица и уште четири лица
-

Мицкоски: Дел од синдикатите што денеска протестираат беа со мене на прес-конференции кога заеднички постигнувавме договори за поголеми права за вработените и повисоки плати
-

Протест на ССМ за повисока минимална плата и подобри услови за работа
-

Мицкоски: ДДВ за дизелот останува 18 проценти, се проверува дали компании прават реекспорт на горива во соседството
-

Мицкоски: Започна изградбата на катна гаража, а се реализираат и други проекти за охриѓани
-

Мицкоски: Има напредок во реформската агенда, опозицијата шири лаги и шпекулации
