Завршните зборови за случајот „ДКСК“ одложени за утре

За утре се одложени завршните зборови за случајот „ДКСК“. На новинарско прашање, каков е доказот којшто денеска го нудат, што е она што всушност ќе треба да се докаже со него во врска со обвинението за првообвинетата, одговор даде адвокатката Надица Фундуки.
Таа појасни дека на денешната главна расправа од страна на одбраната беше доставен доказ во дополнение на доказна постапка, со којшто, како што истакна, смета дека обвинението против Билјана Петровска Мантева комплетно ќе падне, а се однесува на оддавање службена тајна.
- Во конкретниот случај станува збор за еден документ којшто на 18.09.2024 година, преку „Вацап“ (WhatsApp) - комуникација од нејзина страна е препратено до директорот на подружница ТЕЦ Неготино. Меѓутоа, со денешната мејл комуникација и со денешниот документ што се доставува се докажува тотално спротивното. Значи, директорот на ТЕЦ Неготино, 41 ден претходно, ист документ или со слична содржина, а којшто се однесува на комплетната набавка на мазут за периодот од '21-ва и '23-та година, веќе имал во рака документ по којшто постапувал, и тоа не само како директор на подружница ТЕЦ Неготино, по таквиот документ постапувале и останатите подружници во составот на АД ЕСМ во државна сопственост Скопје - рече адвокатката.
Беше прашана за колку подружници се работи и за колку време претходно.
- Сметам дека истата мејл комуникација ја имале 14 лица од три подружници. Сите во составот на АД ЕСМ. Што значи дека поголем број лица го знаеле документот, не претставувал апсолутно никаква службена тајна, не бил класифициран, не бил заштитен, во спротивно подружниците постапувале со комплетните материјални докази и нивната достава во ОЈО за ГОК за поведување на нивната дополнителна предистражна и истражна постапка во врска со мазутот - одговори Фундуки на новинарско прашање по денешното рочиште.
Еден од обвинителите во случајот беше прашан околу тоа дека се одложени завршните зборови и дека одбраната на првообвинетите достави меил комуникација, односно во однос на документот којшто е наводно испраќан, а е доставен од БЈБ. Од него беше побарано да одговори што е она што тие приговараа и според нив не требало да се земе предвид како доказ.
- Значи, Обвинителството денеска беше спремно да ги даде завршните зборови по однос на овој предмет, меѓутоа одбраната во дополнување предложи доказ којшто ние сметавме дека најпрвин не е обезбеден на законит начин, а и по форма не е на начинот на којшто Законот за кривична постапка налага да биде предложен во оваа постапка. Затоа, приговаравме во таа насока, меѓутоа Судот и покрај нашиот приговор даде уште едно рочиште каде што ја обврза одбраната да го обезбедат на начин на којшто законот бара. Затоа, на следното рочиште се надеваме дека тој ќе биде обезбеден, изведен пред Судот. Ќе го коментираме и во нашите завршни зборови, па така во утрешниот ден верувам дека ќе успееме да ги дадеме завршните зборови и да добие исход оваа постапка којашто ја следите - одговори јавниот обвинител Фатон Азизи.
Тој беше дополнително прашан дали со овој доказ паѓа во вода обвинението на Обвинителството, оддадени службени тајни, со оглед на тврдењето дека претходно значи бил тој во оптек и други луѓе го имале видено.
- Одбраната, по логика на аналогијата, смета дека овој доказ е сличен на доказот којшто ние сметаме дека не би смеел да се споделува со лица коишто не се повикани. Одбраната исто така имала можност, како што видовте дека документот е од 8 август минатата, 24-та година, да го обезбеди во фаза кога се имаат изведувано другите докази на одбраната. Затоа, ние сметавме дека од страна на Судот треба најпрвин да биде одбиен поради формата и поради можноста на одбраната да го обезбеди во фаза кога на нив не им беше оневозможено. Не верувам дека им оди во прилог, но оставаме на крај Судот да си го каже завршниот збор, односно одлука - одговори Азизи.
Во случајот „ДКСК“ обвинети се Билјана Петровска Мантева за кривично дело оддавање службена тајна, Татјана Димитровска за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат и Миле Столески за кривично дело фалсификат.
Случајот е кај судијата Илија Трпков, а застапници на обвинението се јавните обвинители Фатон Азизи и Наташа Поп Трајкова.
Судењето продолжува утре во 14 часот.
МИА
Ново на Сител
-

Два случаи на Западнонилска треска потврдени на инфективната клиника
-

Саботна средба за Изборниот законик
-

Анкета: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со убедливо водство по две години на власт
-

Кој ќе биде нов секретар за државно владеење
-

Нов случај на врсничко насилство, прободено 12 годишно момче
-

Пожарите изгаснати, штетите огромни
-

Расправа за ребалансот
-

Над 5.000 граѓани се пријавиле за мерката самовработување, во Прилеп досега пријавени 316
