Македонија
26. July 2023 - 16:28

Вработените во здравството поделени во неколку синдикати

Најави за пеколно топла есен во здравството. Доколку до септември нема усогласување и скалесто зголемување на платите од Синдикатот на Клинички најавуваат протести. На улица ќе излезат и Независниот синдикат на здравствени работници кои бараат итно покачување за 30 проценти на личниот доход почнувајќи од август.  Многу незадоволни, барањата речиси исти но разединети во повеќе синдикални организации. Наскоро ќе никне и Хипократ – независниот струков синдикат на лекарите, стоматолозите и дипломирани медицински работници.

-Тука и политиката си го игра своето. Нашиот синдикат е максимално транспарентен и отворен, сите имаат можност да допринесат, и овие што сега излегуваат..а не само да одат на синдикални школи за бесплатно јадење, пиење и пливање, вели д-р Предраг Серафимовски, претседател на Синдикат на Клинички.

Синдикатот на Клинички бара властите сериозно да гледаат на здравствениот сектор а не само да ветуваат а други сектори да добиваат многу поголем процент на зголемени плати.

-Во УЈП добија 30 проценти а претходно министерката за труд и социјала велеше нема да има зголемувања туку само усогласувања...Но во тие министерства кои се од поголемите СДСМ и ДУИ добиваат зголемувања, вели д-р Серафимовски.

Деновиве се очекува да биде промовиран новиот синдикат за кој постојано пишува доктор Нико Беќаровски како дел од Иницијативниот одбор. Иако уште нерегистрирани, се промовираат како локомотива што ќе ја влече целата здравствена композиција а идејата им била сивиот мантил повторно да обели и да има достојна материјална егзистенција за сите вработени.

Инаку, со потпишување на општиот колективен договор за јавниот сектор и здравствените работници од септември ќе имаат за 10 приоценти повисоки плати.