Вооружена пресметка на тајните служби во Киев: Пукале едни на други, има ранети

Во киевскиот Днипровски округ утринава дојде до вооружен судир меѓу припадници на двете клучни украински безбедносни агенции – Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Воената разузнавачка служба (ГУР), дознава „Украинска правда“.
Полицијата утрово целосно ја блокирала улицата „Јуриј Шумски“, а јавниот превоз бил пренасочен додека на теренот траела, како што полицајците ја нарекоа, „специјална полициска операција“.
Според извори на „Украинска правда“, во огнената престрелка и судирот се повредени најмалку тројца припадници на воената разузнавачка служба ГУР.
Откако на социјалните мрежи почнаа да кружат снимки и информации за пукањето, се огласи СБУ и призна дека нивните оперативци употребиле огнено оружје. Тие тврдат дека спроведувале итни истражни дејствија во рамки на предистражна постапка за наводен терористички напад што во Киев го планирала руската тајна служба ФСБ.
Според верзијата на СБУ, за време на претресот на адреса на улицата „Шумски“, група луѓе со возила им го попречиле патот и извршиле вооружен напад врз нивната истражна екипа. За да го прекинат нападот, на терен биле испратени припадници на елитната специјална единица на СБУ „Алфа“, кои отвориле оган, раниле неколку од напаѓачите и потоа ги привеле. Дури по апсењето и одземањето на оружјето и документите, наведуваат од СБУ, било утврдено дека приведените им припаѓаат на украинските одбранбени сили, поточно на ГУР.
Иако официјалните детали за мотивот на инцидентот сè уште не се целосно разјаснети, заднината на судирот се поврзува со мистериозното исчезнување на Степан Каплунов, заменик-командант за борбени операции на Рускиот доброволен корпус (РДК) – единица составена од руски државјани кои се борат на страната на Украина, а оперативно делуваат под закрила на воената разузнавачка служба ГУР.
Од РДК во вторникот објавија дека Каплунов бил киднапиран од непознати лица во дворот на една станбена зграда, а Државното истражно биро (ДБИ) потврди дека примило пријава од неговите адвокати. Истовремено, СБУ објави дека, наводно во соработка со ГУР, спречила терористички напад врз лидерот на руското опозициско националистичко движење кој пристигнал во Украина. Интересно е што ГУР прво објави идентично соопштение на своите канали, а потоа набрзо го избриша, коментираат локалните медиуми.
Главното обвинителство на Украина потврди дека покренало истрага поради закани кон службени лица и обид за убиство на органите на редот. На местото на настанот пристигнале истражители од Државното истражно биро и командата на специјалната група „Алфа“.
За инцидентот се огласи и поранешниот шеф на ГУР и шеф на Кабинетот на претседателот на Украина, Кирило Буданов, порачувајќи дека случајот го презема Државното истражно биро.
– Важно е да се обезбеди темелна и непристрасна истрага, но никој нема право неказнето да киднапира војници, да отвора оган по улиците на нашите градови или да издава и извршува криминални наредби – изјави порача Буданов за „Украинска правда“.
Советникот за комуникации на украинскиот претседател, Дмитро Литвин, изјави дека Володимир Зеленски им наложил на раководителите на вклучените агенции итно и отворено да ја известат јавноста за сè.
МИА
Ново на Сител
-

Јаневска за затворањето училишта: Ова се болни реформи, но во моментов сме во критична ситуација
-

Четвртоодделенците во Аеродром и годинава добиваат таблети, првите 30 им ги врачија министерката и градоначалникот
-

13-годишникот кој прободе врсник во срцето не подлежи на кривична одговорност - 30 дена притвор за неговиот брат
-

Со симболично патување означен почетокот на Градскиот воз кон Зелениково
-

Миодраг Божовиќ – Гроф нов тренер на Вардар
-

Албанија го губи првото место во Европа по зголемување на туристичките ноќевања
-

Њујорк забрани користење на вештачката интелигенција во јавните основни училишта
-

Најбројна македонска репрезентација досега на Светското кикбокс првенство во Италија
