Воени планери во Лондон на разговори за мисија во Ормуската Теснина

Воени планери од земјите кои сакаат да се приклучат на мисијата предводена од Велика Британија и Франција за одржување на Ормуската Теснина отворена по завршувањето на војната со Иран, денеска ќе се состанат во Лондон.
Една петтина од светската нафта вообичаено поминува низ теснецот, а неговото ефективно затворање од страна на Иран по почетокот на американско-израелската воена кампања во февруари, предизвика глобален економски шок и нагло покачување на цените на енергенсите.
Се очекува повеќе од 30 нации да испратат свои планери на дводневната конференција која почнува денеска во Постојаниот здружен штаб на Обединетото Кралство во Нортвуд, северен Лондон, а чии домаќини се Велика Британија и Франција.
Целта на средбата е да се надоврзе на разговорите што минатата недела во Париз ги водеа британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, со цел да се воспостави заедничка одбранбена мисија откако ќе се постигне договор за одржлив прекин на огнот.
Мисијата е наменета за заштита на трговските бродови, влевање доверба кај комерцијалните бродски оператори и спроведување операции за чистење мини.
Разговорите во Лондон ќе се фокусираат на воените способности, командата и контролата, и како воените сили би можеле да се распоредат во регионот.
– Задачата, денес и утре, е да се преточи дипломатскиот консензус во заеднички план за заштита на слободата на навигацијата во теснецот и поддршка на траен прекин на огнот – изјави британскиот министер за одбрана Џон Хили и изрази уверување дека во текот на следните два дена може да се постигне реален напредок.
– Меѓународната трговија, енергетската безбедност и стабилноста на глобалната економија зависат од слободата на навигацијата. Со надградба на нашата заедничка цел, зајакнување на мултинационалната координација и планирање за ефикасна колективна акција, можеме да помогнеме повторно да се отвори теснецот, да се стабилизира глобалната економија и да се заштитат нашите луѓе – истакна тој.
МИА
Ново на Сител
-

Растат цените на нафтата на светските берзи
-

Се проширува акцијата за нелегален увоз на филери и ботокси, приведени повеќе лица
-

Јаневска: Набргу ќе слушнеме уште една, многу покрупна неправилност од оваа, која ќе ја изненади целата македонска јавност
-

Три игри, три шанси за добивка - само со „Златна треска“ на Државна лотарија!
-

Еден загинат и тројца повредени градежни работници, биле затрупани со земја на градилиште во Скопје
-

Определен 30 дневен притвор на поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини
-

Мицкоски: Ќе има дополнителни мерки за нафтената криза, се бориме со хаосот што го наследивме
-

Трамп објави продолжување на примирјето меѓу Либан и Израел за три недели
