Во вторник пленарна седница за Декларација за Илинденското востание - за Мицкоски избори ќе има сеедно кога
За прв пат откако беше прекината седницата за гласање на потребата за менување на Уставот, пратениците во вторник седнуваат повторно во собраниските клупи. Но со дневен ред на кој е ставена и Декларацијата на власта за 120-годишнината од Илинденското востание. Опозицијата со бројни забелешки за текстот реагира дека воопшто не биле консултирани за содржината. Децидни се дека оваа Декларација е навреда за македонскиот народ.
За првиот човек на партијата кој излезот од кризата со уставните измени и скандалите го гледа во ново изборно соочување веќе е ирелевантно дали изборите ќе се случат сега или напролет во редовниот термин, важно е вели СДСМ и ДУИ да заминат од власт.
Откако и премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски велат дека поради опструкции од опозицијата процесот може да пропадне, реагираат и од Социјалистичката партија на Македонија. Оттаму ја оценуваат како срамна неодговорната изјавата на Пендаровски за наводните опозициски опструкции на зачленувањето на Македонија во ЕУ.
Неговата неодговорност, исклучивост и пристрасност се гледа во тоа што не најде за сходно ниту да покрене иницијатива за решавање на разликите меѓу власта и опозицијата. Тој не ја сфаќа сериозноста на уставната и политичката криза која ескалира, а молчи во очекување на втор манадат од неговата партија, сведувајќи го првиот на обично малограѓанско сплеткарење и интриганство. Затоа и после повеќе од четири години довербата кај народот му е сведена на статистчка грешка, велат од СПМ.
И додека опозицијата обвинува на штетни последици од менување на уставот, СДСМ уверува дека уставните измени се чекор напред на европскиот пат. Од партијата велат дека членството во ЕУ е единствена алтернатива која значи подобар животен стандард.
Засега Џафери не најавува кога ќе закаже ново продолжение на седницата за гласање на потребата за уставни измени.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
