Македонија
20. August 2023 - 16:33

Власта и опозицијата во клинч дали се потребни уставни измени или предвремени избори - Трајанов со барања до Фон дер Лајен

Додека СДСМ и ДУИ вештачки се одржуваат на власт, Македонија тоне. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од барањето за избори како единствен излез од политичката криза и по собраниската седница на која велат дека се докажа дека власта нема двотретинско мнозинство за уставните измени.

Со ДУИ и СДС секој ден сме се подалеку и од ЕУ и од добра иднина. Затоа потребни се избори, кои се единствено разумно решение за излез од кризата, а се друго е губење време. Во текот на кампањата ќе понудиме патриотско, компаративно гледано, крајно исправно решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија, во поглед со спорот со Бугарија. Но, за да го направиме тоа потребни се прво избори. Време е за избори, време е да ставиме крај на поразите. Време е за промени, вели Владо Мисајловски

Блокадата на европската иднина на Македонија е опасна, антидржавна и антимакедонска, возвратија од СДСМ. Владејачката партија се уште верува дека процесот на промена на Уставот на крајот ќе биде успешен.

Македонскиот народ кој е проверопски оринтиран и сите граѓани кои се членство во ЕУ ова нема да го простат. Проевропската коалиција предводена од СДСМ нема да подлегне на штетното, неодговорно и недржавничко однесување на ДПМНЕ. 80% од македонските граѓаните се за членство во ЕУ, сакаат да живеат во европска држава, членка на НАТО и ЕУ. Нема да дозволиме иднината на државата да е блокирана од страна на Мицкоски и ДПМНЕ. СДСМ, заедно со граѓаните ќе направиме сѐ да ја разбиеме таа блокада и ќе успееме во тоа, вели Богданка Кузеска

Изборите се единствен национален и стратешки интерес е ставот и на Демократски сојуз. Од партијата денеска информираа дека до Европската комисија ќе испратат три барања.

Прво, Советот на Европската Унија да донесе одлука со која ќе ја обврзе Бугарија да ги спроведе одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, да им дозволи регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија за негување на нивните идентитетски, јазични, културни и други особености.Да се обезбеди РЕЦИПРОЦИТЕТ. Второ, Советот на Европската Унија од Преговарачката рамка да ги изостави билателарните прашања или најмалку да донесе одлука со која ќе се дадат гаранции дека билатералните прашања не можат да бидат основа за блокада на Македонија на патот кон ЕУ. И трето, Советот на ЕУ да донесе одлука за тоа дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик по приемот на Македонија во ЕУ, вели Павле Трајанов

И додека траат партиските обвинувања кој е за а кој против европската иднина на државата, собраниската седница за првата фаза од уставните измени е одложена на неопределено, додека власта не обезбеди поддршка од 80 пратеници.