Власта и опозицијата среде партиски процедури за изборите, сите веруваат во победа
До средината на февруари ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заврши внатрепартиските анкети и ќе го сведе изборот за претседателски кандидат на неколкумина, но кој и да влезе во потесниот избор ќе го победи кандидатот на власта, тврди лидерот на партијата Мицкоски. Паралелено со овој процес, Мицкоски вели дека течат и консултациите со помали партии за поддршка и на претседателските, но и парламентарните избори.
- Има сигнали, многу од партиите кои се сега во власта, кои биле во власта укажуваат сигнали да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ. Ние направивме комисија, таква е процедурата и во периодот кој следи таа комисија ќе има состаноци со сите политички партии во Македонија...Очекуваме да ја прифатат програмата и платформата која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ и врз основа на една таква платформа и програма да ја вратиме Македонија онаму каде и е местото, каква што сакавме да ја видиме во оние рани 90-ти. Да биде победничка Македонија, а не ваква опљачкана, понижена и напуштена Македонија- изјави Мицкоски.
Според неофицијалните информации, иако од првичната анкета со 20-тина кандидати, сега листата во ВМРО-ДПМНЕ е преполовена, се уште предничат професорката Гордана Силјановска Давкова и професорот Александар Спасеновски.
Мицкоски иако е убеден во победата на изборите, вели дека власта не создава услови за фер избори особено поради огласите за илајдници нови државни службеници.
- Изборите од самиот почеток не се фер, гледате дека не го пополнуваат местото кое што му припаѓа на албанската опозиција во Државната изборна комисија. Самиот процес од самиот почеток има многу недостатоци, но мора да издржиме уште овие три месеци до почеток официјален на кампањата, да ги совладаме а потоа да има одговорност
Победа на изборите очекува и власта. Министерот за внатрешни работи Спасовски, во интервју за Гласот на Америка вели дека иако ќе биде тешко на изборите, СДСМ и проверопската коалиција имаат добри шанси за победа.
- Јас сум оптимист за концептот што се застапува, бидејќи огромното мнозинство граѓани посакуваат перспективата да ја градат како граѓани на ЕУ. Ако ме прашате дали ќе биде тешко, да ќе биде извонредно тешко затоа што ќе треба целиот концепт да се доближи до граѓаните, и да се направи се, про-европските сили, прогресивните сили, демократските сили коишто знаат да ја водат Северна Македонија, да ја добијат довербата на граѓаните. Останува да работиме посветено, одговорно, да признаеме каде што грешевме. Верувам дека наспроти концептот што значи уназадување, сериозна предност има про-европскиот концепт- изјави Спасовски.
Спасовски, чие име беше споменувано како претседателски кандидат се уште не открива дали ќе влезе во трката. Тој, во интервју за Гласот на Америка, вели личните амабиции на овие избори треба да бидат ставени на страна.
- Дебатата за внатре-партиските состојби е отворена по многу прашања. И во однос на кандидатури, давање предлози. Тоа е работа на членовите на СДСМ. За мене е важно оваа европска опција, европски фронт, луѓе коишто размислуваат за иднината, да можат да бидат тие што ќе ја добијат довербата на граѓаните. Личните желби и амбиции на било кој поединец во државата се најмалку важни.
Постапката за избори на претседателски кандидат тече и во СДСМ. Покрај Спасовски, таму најсериозни шанси се уште има и актулениот шеф на државата Пендаровски, но и поранешната министерка за одбрана Шеќеринска.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
