Владата најверојатно ќе интервенира кај маржите - КСК чека анализа, за да утврди дали трговците се договарале за цените
Владата подготвува нов сет мерки за да спречи нов ценовен шок. Премиерот Ковачевски вели дека државата најверојатно ќе интервенира во делот на маржите, а ќе има и нови субвенции за вештачко ѓубре чии цени на светските берзи се драстично зголемени. Проблем Ковачевски сепак вели дека ќе има кај млекото, за што утре ќе разговара и со министерот за земјоделие.
- Ги следиме цените, со економските министри веќе разговаравме за идните мерки што ќе се преземат, пред се, во делот на маржите и во делот на разликата во цените од производителите до финалната цена на рафт. Сигурно ќе следуваат нови мерки, зашто никој не може во време на криза да печали на грбот на граѓаните. Ќе има проблем кај млекото зашто се јавува криза во снабдувањето со млеко. Веќе утре имам состанок со министерот Николовски за тоа кои мерки ќе ги преземеме зашто се јавува недостиг во некои региони во светот на млеко поради војната во Украина, информира премиерот.
Ниту една инстутуција досега нема поднесено претставка за високите цени во маркетите, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата, откако пред два дена министеорт Бектеши директно ги повика да излезат на терен. Антимонополската комсија прво ќе ја чека анализата на Пазарен, па дури потоа ќе утврдува дали одредени трговци меѓусебно се договарале и така вештачки ги покачиле цените на основните прехрамбени производи. Сепак за ова да се провери Комисијата треба да прелиста над илјада документи и меилови без ниту еден вработен ИТ експерт.
Со власта на СДСМ и ДУИ на Македонија и се случува распад на системот, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
- Народот тоне во сиромаштија, секојдневниот раст на цените го уништува стандардот, нема учебници во училиштата, нема лекови за болните, нема вода за земјоделците. Наместо тоа има криминал и корупција кои се дозволени и реализирани директно од власта. Власта освен за своите бизниси не се грижи за ништо друго. Се е оставено да тоне и да пропаѓа. Изборите се единствениот излез, се вели во писменото соопштение на опозицијата.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
