Високите температури и ветерот ја отежнуваат борбата со пожарите во Турција

Борбата со шумските пожари продолжува во регионите на Егејското и Средоземното Море, како и во други делови на Турција, каде што високите температури и силниот ветер значително ги отежнуваат интервенциите на противпожарните екипи, јави Анадолија.
Најкритична е состојбата во округот Мугла, на егејскиот брег, каде што пожарот што избувна вчера брзо се прошири под влијание на силниот ветер, налагајќи евакуација на државната болница во градот Сејдикемер и на жителите од стотици куќи, пренесува агенцијата ДХА. Воздушните и копнените екипи интензивно интервенираат во подрачјата Јешилјузумлу и Сејдикемер, во близина на познатиот туристички центар Фетхие.
Според турското Министерство за земјоделство и шумарство, поголемиот дел од стихиите ширум земјата се ставени под контрола, а активностите за догасување и разладување на теренот продолжуваат непрекинато од воздух и од земја.
Во близина на медитеранскиот туристички град Анталија, активни се пожарите во реоните Кумлуџа и Каш, иако и тие во голема мера се ставени под контрола благодарение на брзата реакција на пожарникарите. Екипите продолжуваат со интервенција и кај пожарот во реонот Сападере, во близина на летувалиштето Аланија.
Во регионот на Мраморното Море, во округот Баликесир, пожарите меѓу градовите Ѓомеч и Едремит бараа делумна евакуација како превентивна мерка, но и таму огнот е ставен под контрола.
Пожарите во окрузите Чанаккале и Ајваџик, во близина на Дарданелите, се целосно или во најголем дел локализирани, додека жариштата во реоните Кутахја и Јалова, во западниот дел на земјата, се речиси целосно изгаснати.
МИА
Ново на Сител
-

Пакистан: Во тек се преговори меѓу САД и Иран за намалување на тензиите во Ормуската Теснина
-

Четворица починати од вирусот на Западен Нил во Грција
-

Даночно затајување од 12,6 милиони денари - кривично пријавени две лица и фирма
-

Jа заклучил вратата и им кажал да бегаат: 15 Колумбијки, Србинки и Албанки уапсени во Гостивар
-

Градоначалникот, неговиот заменик и уште две лица уапсени за пожарот на грчкиот остров Парос
-

Бројот на загинати во големиот земјотрес во Јапонија се искачи на 30
-

Американскиот Црвен крст предупреди на критичен недостиг на крвни резерви во САД
-

Туск: Русија го наруши воздушниот простор на Полска при ноќешните напади врз Украина
