Македонија
31. October 2025 - 16:29

Условна казна за вториот напаѓач на градоначалничката Арсовска

Условна казна затвор од две години пресуди кривичниот суд за Реџеп Нуредини кој во јули годинава се обиде физички да ја нападне градоначалничката Данела Арсовска. Обвинетиот на почеток на денешното судење призна вина и изрази каење.

„Го молам судот поблаго да ме казни и да ми даде можност да го корегирам моето однесување, да се вработам и да основам свое семејство. Уште еднаш изразувам големо каење“, изјави во судницата обвинетиот Нуредини.

За него судот одреди и дополнителен надзор со пробациски мерки кои треба да спречат повторување на кривичното дело.

„Обвинетиот Реџеп Нуредини денеска на главна расправа покажа искрено каење за стореното, за неговото грубо однесување  спрема оштетената. Меѓутоа, и самата градоначалничка покажа доблест да му прости за стореното на обвинетиот, дури и не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту пак најави имотно-правно побарување“, изјави Насер Рауфи, адвокат на обвинетиот Реџеп Нуредини.

Градоначалничката Арсовска и внатре во судницата но и на излез од судската зграда беше вознемирена, не сакаше да даде изјава за медиумите, а пред новинарите со плачење рече дека и олеснало што обвинетиот го признал делото и ветил дека ништо нема да и се случи ниту нејзе или на нејзиното семејство.

Реџепи беше обвинет за насилство бидејќи во јули годинава, грубо ја навредувал и ја загрозил сигурноста на Арсовска при теренеска посета на Чаир.

„Обвинетиот откако ја забележал оштетената, се упатил кон со подигната рака, но пред да изврши контакт со оштетената, бил спречен од страна на полициските службеници, а за целото време на оштетената и упатувал навреди и сериозни закани“, се вели во обвинението против Нуредини.

Денешната пресуда е втора за нападот на Арсовска. Минатиот месец беше изречена казна од две години ефективен затвор за Сулејман Љамалари, бидејќи физички ја нападнал градоначалничката додека била на увид по пријава за бесправно градење.