Македонија
31. August 2026 - 13:35

Учениците од утре на настава - едносменска во 620 училишта

Учебната година утре ќе ја почнат 238 илјади ученици, од кои 174 илјади основци и 64 илјади средношколци. Пристигнати се податоци за 14 952 запишани првачиња и 16 932 ученика во прва година средно, за кои конечните бројки ќе ги имаме наскоро, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. 

На прес-конференција во пресрет на 1 септември Јаневска  им посака успех на сите ученици, наставници и стручни соработници.

- Оптимизирана е училишната мрежа и во голем број училишта условите се значително подобрени. Обезбедени се учебници за сите, а за учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се најмногу образовни асистенти досега - 1358 во основно и 166 во средно образование. истакна Јаневска. 

Од вкупно 1023 (централни и подрачни), во 620 училишни објекти ќе има едносменска настава. Јаневска рече дека тоа е концепт што обезбедува повеќе придобивки, а најважни се интересите на децата – поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување на училиште доволно за да се совлада целиот материјал и да се стекнат соодветни вештини.

Годинава ќе има 433 паралелки помалку - 222 помалку во основното образование и 211 во средното. Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта. Вкупниот број на празни училишни објекти во државава, претежно во руралните средини е 148. 

-Негативниот тренд, поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата. Процес за кој се заложивме во изминатите неколку месеци е оптимизација на паралелките во постојните училишта, што значи спојување на помалите паралелки една со друга или приклучување кон поголемите, а во интерес на учениците – да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натпреваруваат. Не е тајна дека со години опстојуваа, на пример две паралелки со по два ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава - 222 во основното образование и 211 во средното, рече министерката.

За воведување едносменска настава во што повеќе училишта се доградуваат училници за да се зголемат капацитетите за работа во една (прва) смена. Во моментов се доградува во 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско, а уште 15 проекти, рече Јаневска, ќе почнат етапно во следните неколку месеци. Нагласи дека со овој процес ниту еден редовно вработен наставник не е отпуштен од работа.

Министерката посочи и дека се завршени реконструктивни активности во 20-ина училишни објекти и спортски сали. Се градат и четири нови сали кои многу скоро ќе бидат пуштени во употреба. Преку програмата на Владата за финансирање капитални проекти во општините, во тек е реализација на 50-ина инвестиции за изградби и реконструкции на училишта, за нови спортски сали и училишни базени.

МИА