Тројца волонтери на Црвениот крст се меѓу првите починати од ебола во Конго

Тројца волонтери на Црвениот крст се меѓу првите луѓе кои починаа во епидемијата на ебола во Демократска Република Конго, јави ДПА.
Се верува дека тројцата се заразиле на 27 март при ракување со безживотни тела, соопшти денеска Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC) во Женева.
Волонтерите помагале во друга хуманитарна вонредна состојба пред воопшто да се знае дека во областа се шири ебола.
„Тие се меѓу првите познати жртви на епидемијата“, се вели во соопштението на IFRC. „Овие волонтери ги загубија своите животи служејќи им на своите заедници со храброст и хуманост“.
Според федерацијата, тројцата починале на 5 мај, 15 мај и 16 мај.
Првите случаи на ебола беа потврдени со лабораториски тестови на 15 мај.
Експертите веруваат дека со недели епидемијата поминувала незабележано. Групи на необјаснети смртни случаи веќе биле под истрага пред да биде идентификуван вирусот.
Меѓутоа, бидејќи епидемијата го вклучува реткиот сој Бундибуџо на ебола, стандардните тестови првично не успеале да го потврдат патогенот.
На 17 мај, Светската здравствена организација ја прогласи епидемијата за вонредна состојба за јавното здравје од меѓународно значење (PHEIC). СЗО го смета ризикот од инфекција во Конго за „многу висок“, за „висок“ во поширокиот регион, но за „низок“ на глобално ниво.
За разлика од коронавирусот, еболата не се пренесува преку воздушни капки, туку преку близок контакт со телесните течности на заразените луѓе.
Посмртните останки исто така можат да носат високо вирусно оптоварување со денови по смртта.
Светската здравствена организација во петокот соопшти дека има речиси 750 сомнителни случаи и 177 сомнителни смртни случаи во Конго поврзани со епидемијата, предупредувајќи дека бројот на инфекции „забрзано“ расте.
Ново на Сител
-

Кривична за градоначалникот на општина Врапчиште поради сомнение за злоупотреба на службената положба
-

37-годишна жена најдена мртва со прострелна рана во главата
-

Утре средба Муцунски-Чамова во Шведска
-

Народна банка: Во април годишен раст од 9,3 отсто на вкупните депозити и од 13,3 проценти на вкупната кредитна поддршка
-

Комисијата за финансирање и буџет го разгледува задолжувањето од 260 милиони евра, избрана најповолната понуда
-

„Спејс-Икс“ оди на берза: Чекор што може да го направи Маск прв трилионер во светот
-

Хамилтон: Се чувствувам одлично во Ферари
-

По Белгија, и Австрија и Италија отворија истраги за „снајпер-туристите“ во опколеното Сараево
