Loading Video...
Свет
4. July 2026 - 16:44

Трамп со пораки од Маунт Рашмор

Ниту една друга земја не направила повеќе добро за овој свет од САД со оваа порака претседателот Трамп го почна говорот за големиот јубилеј 250 години од американсакта независност. Говорот го одржа кај култниот споменик Маунт Рашмор во Јужна Дакота.

Пред својот говор Трамп објави видео на социјалните мрежи на кое се гледа позлатениот планински масив Рашмор со неговиот лик врежан покрај поранешниот американски претседател Абрахам Линколн. Пред илјадници поддржувачи, тој порача дека раѓањето на американската нација е најдоброто нешто што се случило на планетата.

-Раѓањето и опстанокот на американската нација под Бога е, едноставно кажано, најдоброто и најневеројатното нешто што некогаш се случило на оваа планета од човечки раце. Никогаш. Ниту една друга земја не направила повеќе добро за овој свет од Соединетите Американски Држави.

Трамп ја предупреди јавноста дека американскиот идентитет се наоѓа под нов напад. Тој го нарече комунизмот смртоносна закана за американската слобода. Упати порака дека граѓаните на САД ќе го победат комунизмот и ги повика републиканците да го задржат своето политичко мнозинство на претстојните избори.

„Затоа, во пресрет на оваа 250-годишнина од американското наследство, се одлучуваме и се колнеме пред сите да слушнат – граѓаните на Соединетите Американски Држави брзо ќе го поразат комунизмот. Не дозволувајте да ви одземаат премногу време. Знаете дека ви го губат времето, нели? Но, нема да им дозволиме да ни одземат уште многу време додека ги играат нивните игри – ќе ги испратиме во егзил. Брзо ќе ги отстраниме и ќе продолжиме да ја градиме нашата земја поголема, подобра и посилна од кога било досега. Америка никогаш нема да биде комунистичка земја.“ „Сепак, како што се приближуваме до оваа величествена годишнина, гледаме дека нашиот американски идентитет е под нов напад. Една генерација откако се боревме и ја добивме Студената војна против заканата од комунизмот, сега има преродба на комунистичката закана во нашата земја, вклучително и од дојденци во нашата држава кои прифаќаат идеи тотално спротивни на нашиот начин на живот и на нашиот голем успех. Ова не се обични политички несогласувања, како разлики околу даноците или регулативите. Комунизмот е смртна закана за американската слобода.“

Американскиот претседател се осврна и на Иран велејќи дека тие имаат голема желба да склучат договор со САД. Трамп го заврши говорот со порака дека ова е почеток на златната доба за Америка по што го одигра својот уникатен танц на сцената.

Меѓу бројните честитки до Трамп, пристигна и од претседателот на Русија Владимир Путин кој меѓу другото порача дека Русија и САД биле сојузници во две светски војни низ историјата и дека двете земји како најголеми нуклеарни сили имаат посебна одговорност за глобалната безбедност и стабилност.