Таравари утре во Куманово, Села во Скопје во сабота закажаа состанок на Алијанса за Албанците
Таравари за утре во Куманово закажа партиски состанок на членовите на Централното собрание за конечна одлука партијата на изборите да оди заедно со опозицискиот блок на Меџити, Касами и Гаши. Тој не го дочека Централното собрание што за во сабота го закажа неговиот претходник Села со кој влезе во судир токму за тоа дали партијата на изборите треба да оди сама или пак, да се приклучи на опозицијата.
Таравари се решил на ваков чекор по барањето на крилото на Села да се разрешат двајца министри Меџити и Алиу кои застанаа на негова страна.
Снопче, кој заедно со пратеникот Абудал Салиу застана зад Таравари ги повикува и своите сопартијци – пратеници да кажат по чиј налог би гласале за разрешување на сопствените министри кога таква одлука нема ни од Таравари, ни од партиските тела. Тој вели дека пуч во Алијанса всушност прави Артан Груби од ДУИ.
Од крилото на Села, велат дека состанокот на лидерот е нелегитимен и дека партиско собрание, според статут, е закажано за во сабота.
„Дел од членовите на Собранието во текот на вчерашниот ден добија порака за СРЕДБА во градот Куманово а потоа и за СРЕДБА со г.Таравари. Она што сакаме да ве известиме е дека никој не треба да подлегне на дезинформации дека се одржува партиско собрание, бидејќи како што ќе заклучите од поканата, станува збор за собир и состанок“ известија од таму.
Министерот Лога, пак, кој е до крилото на Села, но и е генерален секретар на партијата прогнозира раскол во Алијанса кој нема да е во корист на Таравари.
„За жал, се намалуваат шансите тој да ја преживее разделбата, но постои и можност во сабота сите работи да се средат. Претседателот мора да даде детали за состаноците и предлозите што ги дал, за статутарните прекршувања што ги направил во последните недели, вклучително и неповикувањето на Извршниот совет на партијата …или дури за политичките понуди што ги даде преку Фејсбук“
Експремиерот и лидер на СДСМ Ковачевски со критика на министрите што се приклонети кон Таравари.
Владата синоќа почна со расчистување на кадрите на Алијанса блиски до Таравари. Засега нема предлог од техничкиот премиер Џафери за разрешување на Меџити и Алиу, но од крилото Села веќе одлучиле за промена на министрите. За здравство се предлага Илир Демири, а за информатичко општество Недим Бајрами.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
