Македонија
23. February 2023 - 16:32

Таравари ја купил куќата во Тафталиџе од пратеникот на ДУИ Јахоски

Пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски му ја продал куќата на лидерот на Алијанса и градоначалник на Гостивар Таравари во скопско Тафталиџе за само 500 евра по квадрат, објави Макфакс повикувајќи се на официјална документација добиена од катастарот. 

Според објавените информации, Јахоски го поседувал овој имот уште од 2013 година, а на Таравари му го продал пред 2 години. Зошто куќа од 260 квадрати со уште 100 метри квадратни двор се продала за само 150.000 евра Таравари денеска не одговори. Во изјави за други медиуми рече дека куќата имала многу за реновирање и дека целата купопродажба е изведена по закон. 

Одговор зошто се решил да му ја продаде за цена неколку пати пониска од пазарната не даде ниту сопственикот на Пуцко Петрол и пратеник на ДУИ Исмаил Јахоски.

Таравари имотот уредно си го внел и во својот анкетен лист каде додал и уште еден кредит од 100.000 евра.

Во моментов на најпопуларните страни за огласи, куќа во Тафталиџе со сличен габарит и парцела се продава за над 400.000 евра. 

Интересно е што со новата инвестиција Таравари се вселува во елитно соседство во оваа скопска населба. Спроти него куќа има новиот министер за здравство и негов сопартиец Меџити. Неколку парцели подолу по улицата живее и министерот за финансии Бесими, а лепенка до Таравари уште еден плац има и Исмаил Јахоски.