Сорос подарил 74% од своето богатство, Безос помалку од 5%: Колку навистина донираат најбогатите Американци

Зад најбогатите Американци е уште една рекордна година. Богатството на 400. најимотни Американци во изминатите 12 месеци порасна за дури 1,4 трилиони долари, односно 21 процент. Но, и покрај толкаво богатство, дали членовите на листата „Форбс 400“ ги зголемија и своите добротворни донации?
„Форбс“ повторно истражи колку донирале сите членови на овогодишната листа во текот на животот.
Овие 400 супербогати милијардери заедно во текот на животот донирале најмалку 366 милијарди долари во добротворни цели. Тоа е 47 милијарди долари повеќе од минатата година, гледано во апсолутен износ. Меѓутоа, гледано како процент од нивното богатство, членовите на „Форбс 400“ всушност се помалку дарежливи отколку пред една година.
Донирале само 4,4 проценти од своето богатство, во споредба со 4,6 проценти во 2025 година и 5 проценти во 2024 година.
Секако, некои донираат значително повеќе од другите. Затоа „Форбс“ на секој член од листата „Форбс 400“ му доделува оцена за доживотните добротворни донации. Оцената се пресметува така што на проценетиот износ што секој член во текот на животот го донирал му се додава неговата нето-вредност од 2026 година. Потоа износот на доживотните донации се дели со тој вкупен износ.
Оцената се движи од 1 до 5. Оцена 1 значи дека лицето за добротворни цели издвоило помалку од 1 процент од својата проценета нето-вредност, додека оцена 5 значи дека донирало 20 проценти или повеќе од своето богатство.
Сè на сè, речиси 80 проценти од членовите на листата добија оцена 1 или 2. Тоа значи дека донирале помалку од 5 проценти од своето богатство – најголем процент откако „Форбс“ во 2020 година почна да ги оценува добротворните донации. Повеќе од 40 проценти од членовите донирале помалку од еден процент од своето богатство. „Форбс“ проценува дека дури 45 члена од листата 400 донирале нула долари или износ што е многу блиску до тоа.
„Форбс“ признава само пари што се навистина исплатени на оние на кои им се потребни. Тоа значи дека не се сметаат средствата што сè уште стојат неактивни во фондациите, ниту ветените износи кои сè уште не се исплатени. Многу милијардери имаат стотици милиони, па дури и милијарди долари складирани во фондации, но американската даночна служба ИРС од нив бара секоја година да исплатат само мал дел од тие пари.
Податоците се собрани од фондации кои јавно ги објавуваат своите финансиски извештаи. Иако тие често се објавуваат со задоцнување од една или две години. Некои членови на листата решија да споделат ажурирани информации или конкретни податоци за личните донации кои не е можно да се следат преку јавно достапните извештаи, додека други одбија да коментираат или не одговорија.
Веројатно некои милијардери донирале повеќе отколку што „Форбс“ можел да евидентира.
Уште еднаш Џорџ Сорос, тајкунот од светот на хеџ-фондовите (проценета нето-вредност: 8,6 милијарди долари), е најголемиот донатор во однос на сопственото богатство.
Унгарско-американскиот инвеститор вели дека донирал 24,2 милијарди долари, односно 74 проценти од своето богатство, на американски и меѓународни организации. Со тоа, седма година по ред ја добива титулата најдарежлив член на „Форбс 400“.
Неговите Фондации за отворено општество донираа милијарди долари на организации кои се занимаваат со човековите права и демократските иницијативи.
Во апсолутен износ, меѓутоа, најголем филантроп е Ворен Бафет (проценета нето-вредност: 144 милијарди долари). Тој се обврза дека ќе подари повеќе од 99 проценти од своето богатство.
Заклучно со 2026 година, претседателот на компанијата „Беркшир Хатавеј“ издвоил 72,6 милијарди долари, односно 33,5 проценти од своето богатство, за четирите фондации на семејството Бафет и – до ова лето – фондацијата „Гејтс“.
Сорос и Бафет се меѓу 13 богаташи што добија оцена 5 за добротворни донации. Овие исклучително дарежливи донатори опфаќаат само 3 % од членовите на „Форбс 400“, но нивниот број порасна во споредба со 11. члена со оцена пет минатата година, благодарение на тоа што на листата се најдоа и поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, и инвеститорот во здравствениот сектор, Мичел Рејлс.
Податоците се заклучно со 4 септември 2026 година.
1. Донирал помалку од 1 % од своето богатство
Модниот дизајнер Ралф Лорен, коосновачот на „Гугл“, Лери Пејџ, претседателот Доналд Трамп и уште 174 члена.
2. Донирал меѓу 1 % и 4,99 % од своето богатство
Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, сопственичката на синџирот „Ин-ен-аут“, Линси Снајдер, наследникот на „Волмарт“, Џим Волтон и уште 135 члена.
3. Донирал меѓу 5 % и 9,99 % од своето богатство
Сопственикот на „Њу Ингланд патриотс“, Роберт Крафт, режисерот Стивен Спилберг, инвеститорот Лес Векснер и уште 35 члена.
4. Донирал меѓу 10 % и 19,99 % од своето богатство
Инвеститорот Џорџ Кајзер, основачот на „Најки“, Фил Најт, творецот на „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас, и уште 14 члена.
5: Донирал 20 % или повеќе од своето богатство
Мајкл Блумберг, Едит Брод, Ворен Бафет, Бил Гејтс, Мелинда Френч Гејтс, Рид Хастингс, Амос Хостетер Помладиот, Дастин Московиц, Мичел Рејлс, Лин Шустерман, Мекензи Скот, Мерилин Симонс и Џорџ Сорос.
МИА
Ново на Сител
-

Артан Груби и Перпарим Барјами прв пат заедно во судница – продолжува судењето за Лотарија
-

Во Прилеп одбележани 84 години од Дабничкиот масакр кога бугарскиот фашистички окупатор уби 18-мина кај с. Дабница
-

Младите недоволно се интересираат за сопствената историја
-

Преглед на вестите од светот
-

Јотова: Да заврши сагата со ОМО Илинден
-

Македонија ќе продолжи да работи и бара решение за влез во ЕУ
-

Teма на денот со Васко Наумовски, поранешен амбасадор во САД
-

Марта Кос со порака до Бугарија: Откако Македонија ќе го смени Уставот, сметаме на ваша поддршка
