Македонија
26. May 2026 - 16:33

Собранието даде зелено светло за новиот заем од 260 милиони евра

Со 65 гласа „за“ и 14 против Собранието даде зелено светло за новиот заем од 260 милиони евра. Парите ќе се користат за капитални инвестиции, сервисирање на обврски од буџетот, како и за враќање на старите долгови, меѓу кои и еврообврзницата од 700 милиони евра, земена во 2020 година. 

Државата се задолжува кај конзорциум од осум банки. Рокот на отплата е седум години, со вклучен грејс-период од три години.

Опозициската СДСМ која не учествуваше на Комисијата за финансирање и буџет, денеска дебатираше од собраниската говорница. Пратеникот Битиќи предупреди дека со новиот кредит, Македонија опасно се приближува до 61 проценти долг од Бруто домашниот производ. Ако економијата е толку силна, ние сме трета најдобра економија во Европа, зошто се задолжувате? – праша Битиќи. Според него, каматата е многу висока и направи математика. 

„Владата бараше 300 милиони евра од банките, а доби само 260 милиони евра, и тоа со висока камата од 4,6%. Тоа значи дека странските банки немаат доверба во фискалниот капацитет и економските политики на Владата на Ковачевски. Во зависност од конечниот распоред на отплата, државата би платила приближно меѓу 58 и 64 милиони евра само за камати“, истакна Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ.

„Јас ќе кажам дека каматата на овој заем, или сликовито да ви објаснам, е помала од вкупниот политички рејтинг на вашата партија, којшто за жал во овој момент е едноцифрен. Е таа е каматната стапка. Зошто рејтингот на вашата политичка партија е едноцифрен, тоа ќе си ги преслушате говорите коишто ги имавте тука, ќе си ги препрочитате политиките коишто ги имавте за 7-8 години и потоа ќе си одговорите на тоа прашање“, вели Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, на истата седница помина и Фискалната стратегија 2027-2031 година. Според опозицијата, овој документ не нуди решенија за можни нови поскапувања и се потпира на нереални очекувања, додека од Министерството за финансии вратија дека планот е скроен домаќински и од врвни експерти.

„Фискална одговорност и дисциплина, планирање и користење на јавните средства во рамки на реални и на одржливи фискални можности. Постепеност и предвидливост, или фискалната консолидација се спроведува фазно, без нагли ограничувања кои би можеле да предизвикаат економски шокови. Социјална правичност, заштита на најранливите категории на население од негативните ефекти на кризата и фискалните прилагодувања“, рече Николче Јанкуловски, заменик министер за финансии. 

„Еден од најзагрижувачките показатели е ниската продуктивност на трудот, бидејќи нашата држава и понатаму останува меѓу најслабите економии во Европа според БДП по жител. И според податоците на Евростат, не на опозицијата, државата е далеку под просекот на Европската Унија, со економска продуктивност што не успева да генерира доволно високи плати и повисок животен стандард“, кажа Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.

Државата очекува поддршка на економската активност и од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Со последниот бран исплати, Македонија доби 65,7 милиони евра, најмногу во регионот.