Словенечката влада усвои рамка за ограничување на социјалните мрежи за лица под 15 години

Словенечката влада на денешната седница во Дравоград ја утврди рамката за подготовка на правната организација на користењето на социјалните мрежи за лица под 15 години.
Според вицепремиерот Матеј Арчон, иницијативата е подготвена од Министерството за култура, а пред усвојувањето на законските одредби, за неа ќе се изјаснат и струката и Министерството за дигитална трансформација.
Арчон додаде дека владата одлучила да го преземе овој чекор по примерот на другите земји.
„Во светот и во Европа, ова беше жешка тема во последните недели и месеци, а со ова ние, како влада, покажуваме дека се грижиме за нашите деца“, рече Арчон и во тој контекст ја спомена регулацијата на Тик Ток и Снепчет, објави СТА.
„Подлогата ќе биде дополнета од струката, а ќе биде подготвена и правната основа за организирање на користењето на социјалните мрежи, секако во однос на заштитата на децата и малолетниците“, рече Арчон.
Австралија во декември беше првата земја во светот што го забрани пристапот до социјалните мрежи за лица под 16 години, по што Франција, Данска и Грција го најавија истиот чекор во Европа, додека Шпанија и Португалија го објавија тоа оваа недела.
Во ноември минатата година, Европскиот парламент усвои необврзувачка резолуција со која се бара возрасна граница од 16 години за користење на социјалните мрежи, платформите за споделување видеа и алатките за вештачка интелигенција. Децата на возраст од 13 до 16 години ќе имаат пристап само со дозвола од родител или старател.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во септември минатата година изјави дека Европската унија мора да размисли за воведување возрасна граница за користење на социјалните мрежи.
МИА
Ново на Сител
-

Гужвите на Богородица продолжуваат - Грција бара нови решенија
-

13 годишник загина возејќи електричен тротинет во Куманово - дали е потребна построга регулатива?
-

Вештачката интелигенција, помош или опасност за младите
-

Владата викендот ќе одлучува дали ќе продолжат мерките за горивата
-

Преглед на вестите од светот
-

Денеска се одбележува Задушница, споменот на починатите
-

Нов пристап за стручни кадри во Штип
-

Обуки за спасители на вода
