Скопјани прават најмногу отпад: Македонското „малку ѓубре“ е сепак голем проблем

Просечен Македонец лани направил 417 килограми ѓубре, кое речиси целосно завршило на депониите. Тоа е помалку за речиси пет отсто (околу 20 килограми помалку) од претходната 2024 година и помалку од европскиот просек. Вкупно во државата биле создадени 755,7 илјади тони ѓубре, а на депониите завршиле речиси 640 илјади тони комунален отпад. Иако сме направиле помалку ѓубре, комуналните претпријатија собрале повеќе отколку во 2024 година.
„Зголемувањето се должи на зголемениот број населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад“, заклучиле во ДЗС.
Статистиката го измерила и отпадот што настанува од економската активност во државата – нашата индустрија во 2024 година создала 1,2 милиони тони или по глава на жител 655 килограми годишно. Ова е драстично помалку од европскиот просек, каде индустријата знае да создаде и по неколку илјади килограми индустриско ѓубре по глава на жител.
Каде и какво ѓубре прават граѓаните?
Најголемиот дел од комуналниот отпад, дури 84 отсто, доаѓа директно од нашите домаќинства, додека останатите 16 отсто ги прави комерцијалниот сектор – продавници, ресторани и канцеларии, кои своето ѓубре го одлагаат во посебни комунални контејнери.

Структурата на ѓубрето од домаќинствата покажува дека во нашата држава многу малку се селектира. Огромен дел, 553 илјади тони од отпадот, е мешано ѓубре. Од селектираниот отпад, речиси 35 илјади тони биле органски отпад, 15,5 илјади тони пластика, 10 илјади тони хартија и сосема малку метал.
Најмногу ѓубре се прави и се собира во скопскиот регион, а најмалку отпад се собира во североисточниот регион.
Колку ѓубре фрла просечен Европеец?
Според податоците на Евростат (Eurostat), просечниот Европеец фрла многу повеќе од просечниот Македонец – околу 527 килограми, а Германците дури и над 620 килограми. Ова на прва звучи како супер вест. Но, додека Германецот или Словенецот речиси целото тоа ѓубре го „вртат“ назад во системот – го претвораат во струја или нова пластика – кај нас приказната завршува во моментот кога камионот ќе го испразни контејнерот во депонија.
„Најголемото количество собран комунален отпад, 99.8 отсто, се исфрла на депонија“, алармираат од Статистика.
За споредба, извештаите на Statistični urad Slovenije покажуваат дека Словенија рециклира над 70 отсто од својот комунален отпад. Значи, кај нив во природата остануваат само трошки.
Индустрискиот отпад со помал волумен
Во 2024 година, според секторските податоци на ДЗС, нашата индустрија произвела околу 1,2 милиони тони отпад. Тоа е пад од 14 отсто во споредба со претходните две години. Речиси половина (околу 550 илјади тони ѓубре) прави преработувачката индустрија. Иако масивен, овој отпад е главно неопасен.
Потоа следува отпадот што го прави рударството и вадењето камен. Според достапните податоци, овој сектор е одговорен за дури 97 отсто од вкупниот опасен отпад во државата. Енергетиката создава околу 185.000 тони отпад (пепел и згура).
Во Македонија се рециклира само половина од ѓубрето што го создава индустријата.
„Количеството отпад предаден за рециклирање изнесува 585 илјади тони. Според видовите отпад што е предаден за рециклирање, најголемо е количеството отпад од категориите: метални отпадоци (мешани обоени и необоени), отпадоци од железен метал, отпадоци од хартија и картон и отпадоци од пластика. Од создадениот отпад, 39 илјади тони се складиран отпад“, пишуваат од Статистика.
Европа со неколкукратно повеќе индустриски отпад
Во делот на индустрискиот отпад, Македонија е една од европските држави која прави најмалку ѓубре од овој тип. За споредба, ако во Македонија се создаваат 655 килограми индустриски отпад на жител, според Eurostat просекот во ЕУ е приближно 4.850 килограми, што е неколкукратно повеќе. Во рамките на ЕУ, најголеми апсолутни бројки за индустриски отпад вади Германија (над 400 милиони тони), но според нивната статистика, 80 отсто од градежниот и индустрискиот отпад се враќа во производниот циклус.
Дури и Словенија создава повеќе индустриски отпад од нас – 10,3 милиони тони, што повторно е околу европскиот просек по жител, но тие имаат највисок процент на преработка на отпадот во регионот. Од соседите, Републичкиот завод за статистика на Србија (SORS) за 2024 година открива фрапантна бројка: Србија генерира над 200 милиони тони индустриски отпад, најмногу поради рударскиот бум во Борскиот Округ.
Она што е проблем во македонските бројки е токсичноста на отпадот (кај нас дури четвртина е таков отпад), додека во Европската Унија тој изнесува околу пет отсто, благодарение на технологиите што го неутрализираат отпадот уште во самата фабрика.
Користени извори:
· Државен завод за статистика на РСМ (Соопштенија за комунален и индустриски отпад 2024/2025).
· Eurostat (Municipal and Industrial Waste Database, 2025 updates).
· Republički zavod za statistiku Srbije – SORS (Waste statistics 2024).
· Statistični urad Republike Slovenije – SURS (Environment and natural resources report 2024/25).
· European Environment Agency (EEA) – Indicators for Waste Intensity.
МИА
Ново на Сител
-

Уапсен 16-годишник од Тетово, крадел по цркви и џамии
-

Еуролинк осигурување со стратешка докапитализација од 5,85 милиони евра - капиталот надминува 20,5 милиони евра
-

СП 2026: Норвешка со два гола на Халанд го урна Бразил и обезбеди четвртфинале
-

СП 2026: Англија избори четвртфинале со триумфот над Мексико
-

Најмалку девет жртви во руски напад врз Киев
-

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“, Обвинителство треба да презентира листинзи од телефонска комуникација
-

Бројот загинати во земјотресите во Венецуела се искачи на 3.342
-

Продолжува комисиската расправа по предлог ребаланост на Буџетот
