Шефицата на ММФ предупредува: Војната на Блискиот Исток води до повисоки цени и побавен раст

Војната на Блискиот Исток ќе доведе до повисока инфлација и побавен глобален раст, изјави вчера шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, пред планираното објавување на прогнозата за светската економија.
-Војната предизвика досега најголемо нарушување на глобалните резерви на енергијата откако иранската блокада на Ормуската Теснина, клучна за транспортот на една петтина од светската нафта и гас, го запре производството на милиони барели нафта. Дури и ако конфликтот се реши брзо, ММФ ќе ја намали својата прогноза за економски раст и ќе ги зголеми изгледите за инфлација, изјави извршната директорка на ММФ.
Се очекува војната да доминира во дискусиите меѓу финансиските претставници од целиот свет на пролетните состаноци на ММФ и Светската банка во Вашингтон следната недела.
На 14 април, Фондот треба да објави серија сценарија, а на крајот на март веќе сигнализираше за можно намалување на прогнозите, наведувајќи го асиметричниот шок од војната и построгите финансиски услови.
Георгиева рече дека без војната, ММФ очекувал мало подобрување во својата проекција за глобален раст од 3,3 проценти во 2026 година и 3,2 проценти во 2027 година, бидејќи економиите продолжуваа да заживуваат по пандемијата.
„Наместо тоа, сите патишта сега водат кон повисоки цени и побавен раст. Ние сме во свет на зголемена неизвесност“, рече Георгиева, наведувајќи ги геополитичките тензии, технолошкиот напредок, климатските шокови и демографските промени.
Ова значи дека откако ќе се опоравиме од овој шок, додаде таа, мора да ги држиме очите отворени за следниот.
Георгиева, исто така, забележа дека војната ги намали глобалните залихи на нафта за 13 проценти, а ефектот се прелеваше во испораките на нафта и гас и поврзаните синџири на снабдување како што се хелиум и ѓубрива.
Дури и брзото завршување на непријателствата и брзото закрепнување ќе резултираат со „релативно мало“ намалување на прогнозата за раст и зголемување на прогнозата за инфлација, додаде таа, а ако војната продолжи, ефектот врз инфлацијата и растот ќе биде поголем.
Сиромашните, ранливи земји без резерви на енергија ќе бидат најтешко погодени, додаде Георгиева, истакнувајќи дека многу земји имаат малку или воопшто немаат фискален простор за да им помогнат на своите популации да го издржат зголемувањето на цените предизвикано од војната, што пак го зголемува ризикот од социјални немири.
Георгиева изјави дека некои земји веќе побарале финансиска помош, но не ги именуваше. Таа рече дека ММФ би можел да прошири некои постојни програми за кредитирање за да ги задоволи потребите на земјите, а дури 85 проценти од членовите на ММФ се увозници на енергија.
Широките субвенции за енергија не се решение, додаде таа, повикувајќи ги креаторите на политиките да избегнуваат владини плаќања што би можеле дополнително да ги поттикнат инфлациските притисоци.
„Дури и ако војната престане денес, сепак ќе има негативен ефект врз остатокот од светот“, предупреди таа.
Меѓу другото, Светската програма за храна (WFP) кон средината на март изјави дека милиони луѓе ќе се соочат со акутен глад ако војната продолжи до јуни.
Георгиева рече дека ММФ сè уште не гледа криза со храната, но додаде дека таа може да се случи ако се наруши снабдувањето со ѓубрива.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски од Атина: Криминалот и тероризмот функционираат како хибридна закана, која бара заеднички координиран одговор
-

Лесната пешадиска баталјонска група оценета како борбено подготвена за извршување на својата мисија
-

Сиљановска-Давкова: Парламентарниот дијалог има незаменлива улога за мирот
-

Сиљановска - Давкова: Поддржувам укинување на Пржинската влада, двојно државјанство не треба да има и за претседателот и министрите
-

Ученик во основно училиште во Арачиново прободен со нож од соученик
-

Полицајци апселе криминалец па биле опколени од десетмина кои пробале да ги спречат, морале да пукаат во воздух
-

Две лица незаконски превезувале туристи во НП Шар Планина, кога имало обид да се спречат, пробале да ги прегазат вработените во паркот
-

Четворица тетовци дале капар од 45.900 денари за стан под кирија во Скопје, па биле измамени од газдарица
