САД и Данска постигнале напредок во спорот околу Гренланд, договорот ќе се потпише следната недела во Њујорк

САД, Данска и Гренланд вчера објавија дека е постигнат напредок во спорот околу овој арктички остров, јавува ДПА.
Се очекува договорот со САД да биде потпишан следната недела, соопштија владите на Данска и Гренланд во заедничка изјава. Претходно и американскиот претседател Доналд Трамп на платформата „Truth Social“ објави дека е постигнат договор за Гренланд.
Договорот „им дава на САД трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд“, напиша Трамп во својата објава.
Тој изјави дека САД ќе можат да преземат сè што е неопходно за одбрана на островот и дека договорот нема да претставува финансиски трошок за Вашингтон.
Трамп, исто така, нагласи дека на ниту еден противник на САД нема да му биде дозволено да воспостави база или воено присуство на Гренланд, ниту пак да врши чувствителни инвестиции таму, без изречно писмено одобрение од Вашингтон.
Данската влада на платформата Икс објави дека се очекува договорот да биде потпишан за време на Генералното собрание на ОН, пред да помине низ парламентарните процедури потребни за негово стапување во сила.
„Мило ми е што постои можност за добар договор за Гренланд, Кралството Данска и САД“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен.
Договорот би ја зајакнал „нашата заедничка безбедност на Арктикот и во регионот на Северниот Атлантик“, а со тоа би донел придобивки и за НАТО и за Европа.
Според соопштението, договорот, исто така, би ги признал суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството Данска, како и правото на народот на Гренланд на самоопределување.
„Договорот ги признава интересите на Гренланд и нашето место во меѓународната соработка“, изјави премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен. „Тој е од корист за сите нас.“
Гренланд беше во центарот на вниманието во последните месеци откако Трамп изрази претензии кон најголемиот остров во светот, што предизвика силно противење.
Гренланд има висок степен на автономија, но е дел од Кралството Данска. Данска и Гренланд постојано нагласуваа дека островот не е на продажба.
Трамп делумно ги оправдуваше своите претензии кон Гренланд со аргументот дека, во спротивно, противниците на САД би можеле да се обидат да го стават островот под своја контрола. Тој постојано се закануваше дека ќе ја преземе контролата врз стратешки важниот арктички остров, со што ја разгневи Данска – сојузник во НАТО – и поттикна прашања за единството во рамките на воената алијанса.
Трамп тврдеше дека, во спротивно, данската територија не би била безбедна од Русија и Кина, кои, според него, би претставувале закана и за безбедноста на САД.
Кон крајот на декември 2025 година, Трамп го назначи гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри, за свој специјален пратеник за Гренланд – потег што исто така предизвика негодување, потсетува ДПА.
МИА
Ново на Сител
-

Јотова: Да заврши сагата со ОМО Илинден
-

Македонија ќе продолжи да работи и бара решение за влез во ЕУ
-

Teма на денот со Васко Наумовски, поранешен амбасадор во САД
-

Марта Кос со порака до Бугарија: Откако Македонија ќе го смени Уставот, сметаме на ваша поддршка
-

Гаши останува на своето - не го повлекува ставот за ОВК и покрај реакциите
-

МВР ја казни жената што излезе од својот автомобил да фрли ѓубре во Лепенец
-

При полициска контрола во „Пулс“, лиценцата не им била дадена на увид
-

Тендер за БРТ по години чекање и блокади, граѓаните скептични
