Расположението во Русија се врти против Путин

Владимир Путин на почетокот на мај пристигна со руски теренец пред хотел во центарот на Москва, облечен неформално во фармерки и лесна јакна. Носејќи букет цвеќе, тој без брзање влезе во лобито и ја прегрна својата поранешна учителка Вера Гуревич, која го бакна по двата образи.
Потоа ѝ помогна на Гуревич да влезе во неговиот автомобил и ја одвезе на вечера во Кремљ.
Ова се случи само еден ден откако неколку западни медиуми, повикувајќи се на извештај на европските разузнавачки служби, тврдеа дека Путин поминал неколку недели криејќи се во подземен бункер, обземен од страв од атентат или дури и од државен удар.
Телевизиската средба беше внимателно режирана за да го зајакне сосема поинаквиот имиџ на рускиот лидер – оној што тој го усовршуваше во текот на неговото 25-годишно владеење: лесно пристапен, самоуверен претседател, човек од народот кој неформално наминува кај својата стара учителка.
Но, иако стравовите од непосреден државен удар се преувеличени, нема сомнеж дека Путин влегува во најпредизвикувачкиот период од неговото долго владеење.
Интервјуата со неколку лица од кругот на рускиот лидер, како и извори од рускиот бизнис-свет и западни разузнавачки претставници, цртаат слика на изолиран лидер опкружен со елита која брзо се разочарува – како од заплетканата војна во Украина, така и од економскиот пад дома.
-Дефинитивно има промена во расположението кај елитата оваа година… постои длабоко разочарување во Путин – изјави добро упатен бизнисмен, додавајќи дека сè повеќе се создава впечаток оти „се наѕира некаква катастрофа“.
-Никој не верува дека сè ќе се урне одеднаш утре – рече изворот. – Но, постои сè поголема свесност дека се носат сосема бесмислени, самоуништувачки одлуки. Луѓето кои некогаш го бранеа Путин, повеќе не го прават тоа. Исчезна секое чувство за иднина.
Рејтингот на одобрување на Путин паѓа, економијата е под сè поголем притисок, а дури и прокремљските блогери, кои ретко го критикуваа претседателот, почнуваат да зборуваат отворено.
И покрај пукнатините што се појавуваат дома, калкулацијата на Путин за војната во Украина не е променета и тој останува решен да продолжи, покажуваат интервјуата со повеќе лица запознаени со неговото размислување, како и со европски и украински разузнавачки претставници.
Путин јасно му ставил до знаење на својот најтесен круг дека верува оти Москва може да ја освои целата територија на Донбас до крајот на годината, велат два извора со пристап до претседателот.
-Путин е фиксиран на Донбас и нема да запре пред тоа – рече едниот од нив.
Говорејќи по парадата за Денот на победата на 9 мај – која беше со намален обем поради страв од украински напади со дронови – Путин изненади многумина со сугестијата дека војната „ќе заврши“.
Оваа изјава се најде на насловните страници, но лицата запознаени со неговото размислување предупредуваат дека таа не треба да се толкува како знак дека тој е подготвен за компромис. Напротив, тоа сугерира дека Путин верува оти воениот пробив е неизбежен.
Еден украински разузнавачки претставник изјави дека руските генерали го убедиле рускиот лидер дека Донбас ќе биде заземен до крајот на годината.
-По командниот синџир се доставуваат фабрикувани извештаи со тврдења дека победата е неизбежна – рече овој официјален претставник.
Таквото храбро однесување моментално не се одразува на бојното поле. Воените аналитичари велат дека со сегашната брзина на напредување, на Русија може да ѝ требаат години за целосно да го освои Донбас.
Сè уште не е јасно до кој степен руските воени и безбедносни служби му презентираат на Путин преоптимистичка слика.
-Дури и ако многумина околу него ја разбираат реалноста на ситуацијата, сепак не знаеме што точно разбира самиот Путин. Тоа е најтешкиот дел – изјави висок европски разузнавачки претставник.
-Секако, функционерите и војската му претставуваат розова слика на претседателот – изјави лице запознаено со дискусиите во Кремљ. – Го лажат. Така функционира системот што го изгради самиот Путин.
Друг фактор во одлуката на Путин да продолжи со борбите е тоа што рускиот лидер ја изгубил довербата во способноста на Доналд Трамп да го притисне Киев да се откаже од свои територии како дел од каков било договор, тврдат извор близок до Путин и уште едно лице вклучено во неформалните преговори.
-Во Москва постоеше широко распространет оптимизам дека Трамп, по неговиот избор, ќе може да го предаде Донбас. Тој оптимизам во голема мера исчезна – рече еден од изворите кои се во контакт со Путин.
Иако Трамп во последните денови повторно тврдеше дека војната во Украина „ќе заврши“ – со помош на САД – руското раководство сè помалку гледа вредност во продолжувањето на преговорите со Вашингтон.
Украина призна дека пратениците на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, во серија средби постојано ја притискале да ги повлече своите трупи од териториите што сè уште ги контролира. Но, Киев значително ја намали својата зависност од Вашингтон, истовремено зголемувајќи го сопственото воено производство.
Одблокирањето на европскиот заем од 90 милијарди евра и продлабочената воена и разузнавачка соработка со европските сојузници дополнително го намалија американското влијание врз Украина, а Киев не е склон да прави отстапки за територии без цврсти американски безбедносни гаранции.
Засега, целта на Москва е освојување на Донбас, а руските преговарачи јасно ставиле до знаење дека Москва ќе биде подготвена да бара мир штом тоа ќе се случи. Сепак, лицата блиски до Путин велат дека неговите амбиции можат да пораснат доколку почувствува дека Украина почнува да се распаѓа.
Во тој случај, според двајца соговорници запознаени со неговото размислување, тој би можел да напредува понатаму и да ја премине реката Днепар, во обид да ги освои сите четири украински региони што Русија ги прогласи за анектирани во 2022 година, а кои сè уште не ги контролира целосно.
-Тој не е долгорочен стратег. Апетитот му расте додека јаде – вели едниот од нив.
МИА
Ново на Сител
-

Случајот „Мазут“ на повторно разгледување по жалбата на ЕСМ
-

Власта го помина новиот заем во Комисијата за финасирање и буџет - СДСМ се повлече од работата, најави интерпелација за Гаши
-

СДСМ не учествува на комисијата за новиот заем од 260 милиони евра
-

Собраниска дебата за европската интеграција на Македонија
-

Сали: Реформите ќе се спроведуваат со уште позасилено темпо
-

ВМРО-ДПМНЕ: Приговорот на ЕСМ е доказ дека Коларевиќ и Абази постапиле непрофесионално
-

Во младите е клучот за развој на турзимот
-

Преглед на вестите од светот
