Продолжен притворот на осомничените за убиствата на Вања и Панче
Осомничените за убиството на Вања и на Панче и наредните 30 дена ќе ги поминат во притвор. Скопскиот кривичен суд утрово информираше дека на сите 5 лица кои се во Македонија притворот им е продолжен за дополнителни 30 дена.
Тројца од нив се сомничат за по две убиства и по две грабнувања. Таткото на Вања обвинителството го товари само за киднапирање, а возачот на Палчо за помагање.
Првоосомничениот Љупчо Палевски се уште е во Турција каде исто така му беше продолжен екстрадициониот затвор. Земјава веќе ја испрати целата потребна документација за неговото испорачување во Македонија и се чека на одлуката на турските власти.
Истрагата за двократното убиство се уште е во тек, а надлежните не се расположени да соопштат било какви детали. Неодамна заврши и обдукцијата на телата и сите извештаи веќе се кај обвинителите.
Двојното убиство силно ја вознемири македонската јавност, која не крие дека се сомнева во начинот на кој се водела истрагата, но и начинот на кој постапувала полицијата по добиените информации дека две лица се исчезнати.
Опозицијата најави дека по формирањето на техничката влада, нивниот министер за внатрешни работи ќе врши интерна ревизија која треба да ги детектира евентуалните пропусти. Првиот човек во МВР, Оливер Спасовски прво рече дека полицијата немала информации дека се барал автомобилот на Панче, а откако во јавноста беа објавени полициски записници кои го потврдија спротивното престана да дава информации и сите прашања ги префрли до обвинителството.
Киднапирањата и двојното убиство се случија во периодот меѓу 24 и 27 ноември минатата година.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
