Приведени 23 лица по немирите во Белград

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека 23 лица се приведени доцна синоќа поради напад врз полицајци, додавајќи дека полицијата интервенирала со минимална употреба на средства за принуда дури откако биле нападнати. Дачиќ на прес-конференција нагласи и дека има повредени полицајци.
Според него, дури и по предупредувањето на директорот на полицијата дека јавниот собир во Славија треба да помине и да заврши мирно, јавниот ред и мир биле драстично нарушени и се случиле неиспровоцирани напади врз полицијата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа оцени дека студентите во блокада за време на вчерашниот собир во Белград не го покажале својот план и програма, туку „само својата насилна природа“.
Во видео порака објавена на Инстаграм, тој рече дека нападите врз полицијата испраќаат лоша слика за Србија во светот.
„На секој митинг ги има се помалку… По вечерашното насилство од страна на блокадерите на улиците на Белград, уште еднаш ги поканувам на дијалог и се надевам дека ќе разберат дека оние кои не размислуваат како нив се луѓе и граѓани на Србија“.
Во Белград вчера попладнето се одржа протест органзииран од студентите во блокада на кој присуствуваа десетици илјади граѓани, за време на кој академиците презентираа дел од нивната политичка програма поврзана со образованието, економијата, правдата и други области.
Половина час по завршувањето на протестот, се случија инциденти во центарот на Белград, во близина на Пионирски парк каде што мала група маскирани лица фрлија пиротехнички средства и други предмети кон полицијата, по што тие возвратија.
Главниот дел од митингот започна малку по 18:00 часот, траеше до 20:00 часот без никакви проблеми, а инцидентите се случија половина час по митингот.
Студентите во блокада по немирите објавија дека десетици лица биле претепани и приведени, како и дека неколку академици моментално се наоѓаат во Ургентниот центар и во полициските станици.
Вишото јавно обвинителство на Белград соопшти дека сите кои по завршувањето на јавниот собир на Славија нападнале полицајци ќе бидат идентификувани и кривично гонети.
Директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ, изјави дека 34.300 граѓани се собрале на вчерашниот студентски протест во Белград.
Организацијата „Архив на јавни собири“ претходно соопшти дека снимките укажуваат дека собирот во Белград „е во ранг на најголемото студентско собирање досега“.
„Проценката за над 100.000 луѓе е тешка и ние нема да ги објавиме податоците вечерва. Ја предупредуваме јавноста за очекуваните дезинформации и намалување на бројките од страна на полицијата и режимските медиуми“, објави организацијата на социјалната мрежа X.
МИА
Ново на Сител
-

Приведени двајца крадци во Скопје, одземеното е пронајдено и вратено на сопственикот
-

Д-р Гавриловска Брзанов со повик за поддршка на органодарителството
-

Г.г. Стефан на молебенот за св Кирил: Вашето дело не исчезна со вековите, вашата жртва раѓа нови плодови
-

Лишен од слобода гостиварец, управувал возило без дозвола, под дејство на алкохол
-

Мицкоски: Влашката заедница има значаен придонес во градење на македонската држава
-

Администрацијата на Трамп воведува ново правило за аплицирање за „Зелена карта“
-

Реал Мадрид втор финалист во Евролигата
-

Муцунски: Во Западен Балкан сè уште постојат безбедносни ризици, регионот и понатаму треба да биде во фокусот на НАТО
