Притвор за двајца скопјани за пожарот во Еврејската зедница, ќе одговараат за тероризам
Двајца скопјани на возраст од 21 и 38 години заработија кривични пријави за палење на објектот на Еврејската заедница. Полицијата ги сомничи дека со подметнувањето на пожарот од 12 април рано наутро, сториле кривично дело „тероризам“. Двајцата полицијата ги уапсила во текот на вчерашниот ден, и за нив, судот веќе одредил притвор.
„По наредба на јавен обвинител, лицата се задржани за понатамошна постапка, по што од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран сериозен криминал е поднесена кривична пријава против А.Љ (21) од Скопје поради основи на сомневање за сторено кривично дело „тероризам“ по член 394-б и А.Р (38) од Скопје поради основи на сомневање за сторено кривично дело „тероризам“ по член 394-б од КЗ во врска со член 24 од КЗ, а од страна на судија на претходна постапка, одредена им е мерка притвор“, изјави Гоце Андреевски, Портпарол на МВР.
Во акцијата за пронаоѓање на лицата кои го подметнале пожарот била вклучена и Агенцијата за национална безбедност, од каде велат дека осомничените идеолошки се поврзани со Исламска држава.
„Во таа насока, од страна на АНБ се прибираа информации и беа идентификувани лица – најверојатни извршители и нивна логистичка мрежа, како и повеќе објекти во Скопје, кои според нашите индиции, како дел од радикална групација идеолошки надоврзани на глобалната мрежа на Исламска држава, непосредно по повикот на споменатата терористичка организација од почетокот на април, презедоа насилни активности“
Со акцијата за откривање на лицата кои го подметнаа пожарот, опфатени се уште петмина.. Полицијата направила претреси на повеќе локации во Скопје со кои се пронајдени докази поврзани со настанот.
„На 30.04.2026 година од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во содејство со СВР Скопје и ОСПО, под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, по претходно обезбедени наредби завршење претрес на дом и други простории, извршени се претреси на 13 локации на територијата на Скопје, при што приведен се седум лица и одземени се предмети и електронски уреди поврзани со кривичното дело“, изјави Андреевски.
Подметнувањето на пожарот го осудија Претседателот на еврејската заедница и Амбасадорката на Израел во земјава според која се работело за вознемирувачки антисемитски инцидент кој ги загрозува вредностите на соживот негувани од Еврејската зедница во земјава.
Снимките од видео надзорот на објектот покажуваат дека до пожарот доаѓа откако две лица со шлемови на главата и канистри за гориво во рацете, ја прескокнуваат оградата на синагогата, го полеваат горивото во дворот, бегаат па фрлаат запалива направа.
Според законот за кривична постапка, на двајцата скопјани осомничени дека го подметнале пожарот, им се заканува затвор од најмалку десет години.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
