Претседателката Сиљановска-Давкова ја посети Македонската православна црква во Љубљана

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која престојува во официјална посета на Република Словенија, денеска во Љубљана ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ и оствари средба со членовите на Сојузот на Македонските културни друштва и Црковните одбори.
Во црквата македонската претседателка присуствуваше на неделна служба. По нејзиното завршување на барање на црковната заедница таа се обрати пред присутните верници.
-Каде и да сме по светот имаме еден заеднички дом, заедничко црковно катче каде може да се собереме - рече претседателката.
Црквата и религијата, додаде таа, се многу важни за македонскиот народ и за опстојувањето на неговиот долг пат.
Сиљановска Давкова денеска во македонската Амбасада во Љубљана ќе се сретне и со македонски иселеници кои работат во областа на науката, културата, медицината, а дел од нив се и добитници на признанија во Словенија.
Претседателката Сиљановска-Давкова попладнево ќе одржи состанок со членовите на Македонско-словенечкиот бизнис клуб, додека во Крањ ќе го посети Македонското културно друштво, во чии простории се наоѓа и првата македонска библиотека.
Сиљановска-Давкова утре во Љубљана ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.
Предвидено е претседателките да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на македонската и словенечката делегација.
Сиљановска-Давкова ќе оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.
Во рамки на посетата на Словенија предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните.
Во вторник, претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.
МИА
Ново на Сител
-

СВР Куманово поднесе кривични пријави против убиецот од Драгоманце за убиство и обид за убиство на две жени и против двајца мртвопроверители од болницата во Куманово
-

Петгодишно дете паднало од балкон во Гостивар
-

Митревски пред дуелот со Словачка: Нè очекува тежок натпревар против незгоден противник
-

Девет сомнителни случаи на каридиохирушки интервенции, наодите ќе се испратат до Владата и до ЈО
-

Осомничениот од Старо Нагоричане, прв сериски убиец на жени, поврзан со уште две убиства и два обиди
-

Најдобро место за преселба: Просечната месечна плата во Лихтенштајн е 8.249 евра
-

Убиство во Битола: Маж си ја уби 31-годишната сопруга
-

Македонскиот извоз на фудбалери меѓу Топ 50 во светски рамки
