Преглед на вестите од светот
Шпанија е новиот Светски шампион. Со еден играч повеќе во продолженијата од натпреварот, по резултат 0-0, преку голот на напаѓачот на Барселона, Феран Торес, Шпанија дојде до најпосакуваниот спортски трофеј во светот.
„Прекрасно е, толку сум среќен! Многу ми е мило што Шпанија конечно по вторпат го освои Светското првенство. Навистина многу ми е мило. Навистина е прекрасно да се биде овде, во друштво на сите овие прекрасни луѓе.“
„Целосно го заслужуваме ова и имаме многу среќа, а мислам дека одигравме навистина добро.“
„Патував за да го гледам натпреварот овде, на улиците во Мадрид.“
Аргентина плачеше.
„Заслуживме да го освоиме ова Светско првенство, но и Шпанија ја покажа својата вредност. Па, тоа е тоа – мило ми е што го видов овој тим. Ова беше историско финале, а за трофејот ќе мора да се бориме на следното.“
Светот денеска се враќа во нормала. Фудбалерите веќе гледаат кон следната точка - новата клупска сезона. Светското првенство кое се одржа во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико е најголемото по обем досега, барем во поглед на парите. Првичните проценки на ФИФА беа ќе генерира 11 милијарди долари. Но се чека официјална потврда околу успешноста.
Претседателот на САД, Доналд Трамп го оцени како неверојатно Светско првенство.
„Никогаш немало ништо слично, веројатно кога станува збор за каков било настан, а камоли за фудбал – како и да сакате да го наречете. Но, сметав дека беше неверојатно. Беше четири пати поголемо од кој било настан на ФИФА одржан досега, а всушност веројатно и околу пет пати – така ми кажаа денес. Затоа, многу сме горди на нашата земја. Многу сме горди на работата што ја завршија сите.“
Ова Светско првенство беше прво во историјата во кое се натпреваруваа 48 екипи. Како и речиси секое претходно, и ова предизвика големи контроверзии, особено во делот на цените на картите на стадионите. Иако најавите беа дека гледањето фудбал на стадион ќе биде пристапно за сите, картите достигнуваа и неколку илјадници долари.
Најголемиот кинески онлајн трговец – Алибаба ќе мора да плати казна од 550 милиони евра. Европската Унија оцени дека кинескиот гигант не успеал да спречи продажба на илегални и небезбедни продукти на својата страница.
„AliExpress штотуку доби парична казна од 550 милиони евра поради прекршување на Законот за дигитални услуги. Компанијата не успеа да ги процени и да ги ублажи ризиците поврзани со понудата на нелегални производи на својата платформа. Само за илустрација, самата компанија пријави дека минатата година на корисниците во Европската унија им биле препорачани речиси 15 милиони нелегални производи. Главно станува збор за небезбедни и фалсификувани производи, како што се козметика, играчки, облека или електронски уреди, за да наведеме само неколку примери.“
Оваа парична казна е трета што ја изрекува Европската комисија врз основа на Законот за дигитални услуги (DSA) на ЕУ, кој бара од многу големите онлајн платформи да преземат повеќе мерки за справување со незаконска и штетна содржина.
Казната е значително повисока од онаа од 120 милиони евра изречена на платформата за социјални медиуми X на Илон Маск во декември минатата година, како и од казната од 200 милиони евра изречена на Temu во мај оваа година – и двете поради прекршување на одредбите Законот.
ЕУ одреди рок до 20 октомври за AliExpress да предложи корективни мерки, а компанијата може да се соочи со дополнителни казни доколку не го почитува Законот.
Обединетото Кралство доби нов премиер. Енди Брнам е седмиот премиер кој во последната деката влегува во Даунинг стрит 10 и каде очигледно единствен перманентен жител е најпознатиот британски мачор, Лери.
Во своето експозе рече дека од неговата генерација политичари се бара да го подигнат нивото на работа и да одговорат на новиот предизвик.
„Британија треба да му покаже на светот дека можеме повторно да ја вратиме стабилноста; нашиот предизвик е да направиме политиката да функционира – и тоа подобро. Знам дека луѓето дома се сити од политиката. Ве слушам. И сакам да бидам искрен со вас: не бевме доволно добри. Мораме да бидеме подобри. И ќе бидеме. Овој момент ќе го претвориме во пресвртница за Британија, воведувајќи ги најголемите промени во последните 40 години.“
Најави мерки заподобрување на животот на британските граѓани.
„Ќе им помогнеме на повеќе млади луѓе да се вработат преку реформирање на образовниот систем и обезбедување поголема поддршка, вклучително и поддршка за менталното здравје. Исто така, ќе изградиме повеќе социјални станови. Тоа е правичниот и одржлив начин да се намалат трошоците за социјална заштита, да се исполнат фискалните правила и да се испочитуваат обврските кон меѓународните партнери во областа на одбраната.“
Откако ќе го претстави својот кабинет – кој веќе е предмет на бројни дебати во владејачката Лабуристичка партија – тој ќе мора да се зафати со решавање на долга листа проблеми, почнувајќи од анемичниот економски раст, па сè до кризата со трошоците за живот и слабите перформанси на комуналните претпријатија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
