Преглед на вестите од светот
Кина и Русија потпишаа пакт за единство. Си предупредува од враќање на „Законот на џунглата“.Русија силно се заложи за уште поцврсти енергетски врски со Кина. На почетокот на средбата, рускиот претседател испрати порака дека ова сојузништво веќе го издржало тестот на времето.
Кинескиот претседател Си Џинпинг со високи државни почести во Пекинг го пречека рускиот претседател Владимир Путин. Оваа посета доаѓа само неколку дена по престојот на американскиот претседател Доналд Трамп во а, а се совпаѓа и со големиот јубилеј 25 години од договорот за добрососедство и пријателска соработка, кој е темел на односите меѓу Москва и Пекинг.
Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на традиционалниот годишен Конгресен пикник во Белата куќа, изјави дека евентуална војна со Иран би завршила „многу брзо“. Тој истакна дека Техеран очајно сака да постигне договор, а како главен приоритет на Вашингтон ја повтори целта спречување на Иран да дојде до нуклеарно оружје, што според него дополнително би ги намалило цените на нафтата.
Европската унија и Соединетите Американски Држави начелно постигнаа договор за укинување на меѓусебните увозни тарифи за одредени производи, со цел да се намалат трговските тензии и да се спречи понатамошна ескалација на царинската војна. Договорот предвидува ЕУ да ги укине или значително да ги намали царините за клучни американски производи (како што се одредени земјоделски и индустриски стоки).
За возврат, се очекува Вашингтон да ги олесни или укине казнените царини за европските производи (вклучувајќи ги челикот, алуминиумот или автомобилските делови), кои беа камен на сопнување во трговските односи. Овој чекор се смета за „примирје“ со кое двете страни сакаат да им помогнат на сопствените стопанства, да ги стабилизираат пазарите и да отворат пат за поширок трговски договор, избегнувајќи дополнителни економски штети.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
