Македонија
23. April 2026 - 19:50

Предлогот за укинување на техничката влада помина на Собраниска комисија, Филипче со ултиматум до власта

Доколку се укине техничката Влада, СДСМ ќе се повлечат од работната група за подготовка на Изборниот законик, законско решение кое е дел од реформската агенда. 
Ваков ултиматум даде лидерот на СДСМ, Венко Филипче, бидејќи смета дека власта спроведува автократско владеење и избегнува гаранција за фер и демократски избори. Ова се прави набрзина бидејќи наскоро ќе снема пари во буџетот по што ќе има предвремени избори, вели Филипче.

Од ДУИ пак не бараат Пржинската Влада да остане се до влез во ЕУ, но бараат да се модифицира со што би имало гаранции дека во Македонија ќе се спроведуваат фер и демократски избори. Поднесоа 13 амандмани на овој закон, меѓутоа попладнево на Комисијата за политички систем ниту еден не им беше прифатен. 

За власта не се прифатливи предлозите на опозициските партии. 

Освен законот за укинување на техничката влада, по скратена постапка треба да се носи и законот кој треба да се забрани двојно државјанство за пратениците. Но тој не стигна на ред да се дебатира на Комисијата за политички систем.

СДСМ имаат амандмани кои предвидуваат во рок од 30 дена сите пратеници од актуелниот состав во Собранието да дадат изјава под морална и кривична одговорност дека поседуваат само македонско државјанство, но тоа да се прошири и за извршната власт. 

За ВМРО-ДПМНЕ, потезите на опозициската партија се незрели и не се согласно националните интереси на Македонија.

Откако го помина комисискиот филтер, предлог законот кој предвидува укинување на техничката Влада оди на Собраниска седница, додека измените на законот за пратеници кои предвидуваат укинување на двојно држжавјанство треба допрва да се дебатираат на Комисијата за политички систем.