Повторен колапс на електричната мрежа во Куба, третпат во девет дена целиот остров остана без струја

Куба синоќа повторно остана без струја, откако по третпат овој месец целосно падна електроенергетската мрежа во земјата, соопшти кубанското Министерство за енергетика.
„Енергетскиот систем е целосно исклучен“, објави Министерството на платформата „Икс“, додавајќи дека веднаш биле активирани процедурите за обновување на снабдувањето со електрична енергија.
Подоцна беше соопштено дека дефект во блок на една од термоцентралите предизвикал прекин на националната електропреносна мрежа. Снабдувањето со електрична енергија постепено било обновувано во различни делови од земјата.
Ова е третпат целосно да колабира електроенергетскиот систем на Куба овој месец. Претходните големи прекини се случија во петокот и на 6 јули, што дополнително ја потенцира сериозноста на енергетската криза во земјата.
Куба со години се соочува со проблеми во енергетскиот сектор поради застарената инфраструктура, честите дефекти на термоцентралите и недостигот на гориво. Повеќето електрани се изградени пред повеќе децении и работат со намалена ефикасност, што доведува до чести прекини.
Кубанската Влада причините за кризата ги поврзува со американското трговско ембарго и санкциите воведени од Вашингтон. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во јануари најави можни мерки против земјите што извезуваат гориво за Куба, по што испораките од странство значително се намалија.
Вашингтон продолжува со политика на притисок врз Хавана, барајќи економски и политички реформи. Во понеделникот САД го додадоа кубанското Министерство за туризам, еден од клучните извори на приходи за земјата, на списокот санкционирани субјекти.
МИА
Ново на Сител
-

Градежното вештачење за „Пулс“ покажало дека не биле почитувани стандардите, регулативата и процедурите
-

Драстичен скок на цените на нафтата по најновите напади на САД и одговорот на Иран
-

Запален автомобилот на судијата Ѓоко Ристов фатен со заѕидани 350.000 евра
-

Врсничко насилство во Куманово: Девојче опколено во ќош, брутално удирано и влечено за коса
-

Изминатиов викенд направени 1426 сообраќајни прекршоци, уапсени 64 лица за безобѕирно возење
-

Руските безбедносни служби спречиле украински напади врз воени бази длабоко на руска територија
-

Нема укинување на санкциите додека Техеран не се откаже од нуклеарната програма
-

Ѓорческа напредуваше 14. позиции на ВТА рангирањето
